Почина доајенот на македонскиот театар Љупчо Петрушевски
21.12.2020 ДЕКЕМВРИ ПОНЕДЕЛНИК
Почина актерот Љупчо Петрушевски (1945-2020), доајен на македонскиот театар, соопшти денеска Македонскиот народен театар (МНТ).
Актерот Љупчо Петрушевски дипломира на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од првата генерација на дипломирани актери. Целиот работен век од 1966 година до пензионирањето го поминува во МНТ. Во периодот од 1983 до 1988 година ја извршува функцијата директор на Драмата на МНТ, а потоа 1988 до 1999 година е директор на МНТ.
Повторно е директор на Драмата на МНТ во периодот од 2004 до 2006 година.
“Петрушевски беше неразделен дел од театарот и по пензионирање беше верен поддржувач и гледач на претставите на своите колеги. Секогаш ќе остане запомнет по маркантниот став и секогаш кога ќе се појавеше привлекуваше со внимание и посветеност. Беше неизмерно посветен на театарот. На сцената го имаше релативно кратко, од 1967 до 1984 година, но во голем број на главни и споредни улоги. Во аналите на МНТ ќе остане како директор кој постојано се бореше театарот и преставите да стигнат што подалеку од матичната сцена и да го пронајдат својот пат до сите, се вели во соопштението од МНТ.
Првата улога во МНТ ја има во претставата „Случајот во Виши“ (1967). Препознатлив е по улогата на Хоакин Муриета, главниот лик во „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (1976). Некои од позначајните улогите му се Михаил Антонов во „Macedonishe Zustande“ (Мацедонише Цуштенде) (1984), Витезот од Рипафрата во „Мирандолина“ (1985), Виќа во „Сомнително лице“ (1982), Пјер во „Граѓанинот благородник“ (1982), Владимир во „Габи“ (1982), Луков во „Житолуб“ (1981), Ѓорѓија во „Милион маченици“ (1980), Непознатиот во „Сојтарии“ (1979), Чорниј Вашил во „Кенгурски скок“ (1979), Кметот во „Соблазна во Шентфлоријанската долина“ (1976).
Ги играл и Таке Фарфуриди во „Загубеното писмо“ (1975), Пуба Фабрициј Глембај во „Господа Глембаеви“ (1974), Шого во „Тесен пат кон далечниот север“ (1972), Гаврил Игњатович во „Фома“ (1972), Џони Бојл во „Јунона и паунот“ (1971), Фомин во „Зајдисонце“ (1971), Зигфрид Крампоносец во „Фарса за храбриот Науме“ (1971), Вознескенсиј во „Живиот труп“ (1971), Арагонски кнез во „Венецијанскиот трговец“ (1970), Федотик Алексеј Петрович во „Три сестри“ (1970), Флориндо во „Венецијански близнаци“ (1968), Другарот Тројкин во „Бања“ (1968), Нил Стратонич Дудукин во „Без вина виновни“ (1968), Павле Власов во „Мајка“ (1968) и Џон во „Живот во моите раце“ (1968).
Игра и во „Остен“ (1981), „Молскавици“ (1981), „По претставата“ (1981), „Кандид“ (1980), „Обесеник“ (1979), „Бесови“ (1978), „Алексијада“ (1978), „Крчма под зеленото дрво“ (1977),’48 (1977), „Отепвачка“ (1976), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот“ (1975), „Од многу ум“ (1974), „Под пирамидата“ (1971), „Херкул и оборите на Авгиј“ (1971), „Парите се отепувачка“ (1970), „Дабот и ангорските зајаци“ (1969), „Играта на наредникот Мазгрејв“ (1969), „Печалбари“ (1969), „Чекор до есента“ (1969), „Вител“ (1968), „Сенка“ (1967), „Антигона“ (1967) и „Време од вашиот живот“ (1967).
Петрушевски ќе остане запомнет и препознатлив и по филмските и телевизиски улоги меѓу кои „Скопски сновиденија“ (1988), „Ѕвездите на 42- та“ (1987), „Климент Охридски“ (1986), „Сомнително лице“ (1985), „Трговецот од Солун“ (1985), „Од зад грб“ (1985), „Нели ти реков“ (1984), „Лет во место“ (1984), „Слана во цутот на бадемите“ (1983), „Записник“ (1983), „Илинден“ (1982), „Јужна патека“ (1982), „Едно лето“ (1982), „Наши години“ (1979), „Сослушувањето на железничарот“ (1976), „Прва вечер“ (1975), „Вујковиот сон“ (1970) и „Маљва“ (1969).
-Засекогаш ќе остане дел од МНТ. Нека почива во мир, стои во соопштението од МНТ.
Comments