Потврдени научните вистини за македонистиката на ИНАЛКО во Париз, 50 години Лекторат по македонски ј
Потврдени научните вистини за македонистиката на ИНАЛКО во Париз, 50 години Лекторат по македонски јазикСо меѓународниот симпозиум, што беше организиран по повод 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик (најстар активен лекторат по македонски јазик на универзитетите во светот) на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), во Париз силно одекна македонскиот збор. Одекнаа и научните вистини за македонистиката и констатациите за потребата од натамошни вложувања во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура. Но, и клучни согледби за македонските книжевни и културни вредности, преку осврнувањата на творештвото на великанот Ацо Шопов, во чест на 100-годишнината од неговото раѓање.
-На ИНАЛКО се слушна и македонската народна песна, на концерт организиран во чест на големиот јубилеј за македонистиката и за македонската држава. Уште еднаш се потврди дека соработката меѓу Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и ИНАЛКО е исклучително важна за развојот на странската македонистика, информираа од МСМЈЛК.
На Симпозиумот се одржа тркалезна маса, која во целост беше посветена на македонистиката во Франција. На неа се обрати директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, како и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО. Мојсова-Чепишевска детално се осврна на историјатот на македонистиката во Франција и укажа дека интересот за македонскиот јазик таму датира и од претходно, од периодот меѓу двете светски војни, кога професорите Андре Мазон и Андре Вајан имаат објавено капитални дела за македонските дијалекти. Укажа и на интересот за македонскиот јазик и веднаш по неговата кодификација, посочувајќи на конкретни историски факти.
– Чествувањето на овој полувековен јубилеј не е и не треба да биде само формално одбележување, туку почетна точка на нови заеднички заложби на француските и македонските филолози и културолози, на ИНАЛКО и МСМЈЛК, стои во соопштението.
Во завршницата на излагањето во кое, меѓу другото, посебно го акцентираше и значењето на заложбите на Ацо Шопов за развивање на македонско-француските културни врски, таа ја нагласи потребата од заемна посветеност која ќе овозможи нови перспективи на македонистиката во Франција.
– Неопходно е заеднички да вложуваме во кадри кои ќе го продолжат развојот на македонистиката на ИНАЛКО. Впрочем, на тоа нè обврзува и влогот на оние што пред нас се вложувале во македонско-француските културни и академски врски, истакна Мојсова-Чепишевска.
Како што во заклучните согледби од Симпозиумот нагласи и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која претседаваше со тркалезната маса, излагањата на овој дел од Симпозиумот успеаја во целта да се поттикнат и заеднички иницијативи и нови проекти за следните години, како влог во развојот на македонистиката.
Со свои излагања учествува и актуелниот лектор по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Јован Костов од Универзитетот „Пол Валери Монпеље 3“. Во нивните излагања беа акцентирани согледби и анализи за македонистиката во Франција денес, а одделно излагање беше посветено и на вреднувањето и анализирањето на поезијата на Ацо Шопов преку прочитот на странските македонисти, како и за предизвиците при подготовката на најновите преводи на негови песни.
На творештвото на Шопов, на Симпозиумот му беа посветени и две тркалезни маси. Со нив продолжи и чествувањето на делото на Шопов во Париз, по повод големиот јубилеј 100 години од неговото раѓање. Особено е важно што на овие тркалезни маси, со исцрпни дискусии и нови согледби учествуваа и истакнатите странски македонисти и универзитетски професори, Кристина Е. Крамер од САД/Канада и Маќеј Кавка од Полска. Покрај нив, на тркалезните маси учествуваше и професорот Жорж Алао од ИНАЛКО – Франција, по потекло од Нигерија, Дауда Ндиај од Сенегал, Хозе-Мариа Паз-Гаго од Шпанија, Џамила Межри од Тунис и Тања Кармзова од Франција. Во овој дел на Симпозиумот учествува и академиците од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Влада Урошевиќ и Катица Ќулавкова, која е и некогашна лекторка по македонски јазик на ИНАЛКО, како и ќерката на Шопов и истражувач на неговото дело, Јасмина Шопова. На Симпозиумот, пред присутните се обрати и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.
Симпозиумот се оствари и со поддршка од МАНУ и Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“.
Comments