top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Постхумно отворена изложбата „Преспа во срцето“, со дела на Кирил Јоновски

Триесеттина дела со мотиви од Преспа на ликовниот уметник Кирил Јоновски, вечерва беа изложени во домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен.

Изложбата со наслов „Преспа во срецето“ е постхумно поставена, во чест на преспанскиот уметник Јоновски, кој, иако подолго време живеел во Скопје, неговото творештво било насочено кон родното место.

На отворањето, меѓу другите, присуствуваа градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, директорот на Домот на културата Васко Василевски и членови на семејството Јоновски.

Љубителите на уметноста, според Гошаревски, имаат можност визуелно да уживаат и да се восхитуваат на делата на Јоновски, на неговата уметничка рака и на неговата перцепција за Преспа.

– Јоновски е преспанец, кој во вистинска смила на зборот ја сакаше и целосно и се посвети на Преспа. Неговите умтенички фотографии се живописен сведок на нашата убава Преспа, а неговите хроничарски записи, фељтони и публикации се вистинска енциклопедија за преспанскиот регион, заклучи Гошаревски.

Изложбата „Преспа во срцето“, како што истакна директорот Василевски, е само најава за она што следува во наредниот период во Домот на културата во Ресен.

– Интересот кај публиката беше голем. Со почитување на протоколите за заштита на населението од Ковид – 19, публиката има можност да види дел од творештвото на нашиот уметник Јоновски. Голем дел од неговите дела останале под рушевините во Скопскиот земјотрес во 1963 година, а сега прикажаното е резултат на посветеноста на неговиот син Методија, со чија помош успеавме да собереме 32 слики и да ги презентираме пред Преспанската публика, истакна Василевски.

Делата на Јоновски ќе бидат изложени 15-тина дена, а покрај индивидуалните ќе бидат организирани и групни посети.


1 view

Comments


bottom of page