top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Постојат повеќе начини да се победи

06.10.2021 Oktomvri Sreda

ФУДБАЛ – РОБЕРТО МАНЧИНИ, СЕЛЕКТОР НА ИТАЛИЈА

Шпанија беше тимот со кој имавме најмногу проблеми на Европското првенство (ЕП) во 2020-та, вели селекторот на Италија, Роберто Манчини, пред вечерашното полуфинале во Лигата на нации (ЛН), со Шпанија, во Милано (20.45 часот), во разговорот за интернет-страницата на Европската фудбалска унија. Манчини (56) беше назначен за селектор во мај 2018 година, откако Италија не се пласира на Светското првенство (СП) во Русија. Сега „азурите“ се во рекордна низа од 37 меча без пораз, крунисана со титулата на ЕП 2020. За мечот со Шпанија: „Шпанија беше тимот што ни создаде најмногу проблеми на ЕП. Тие се добар тим, со многу добри играчи. Точните додавања на топката по земја се нешто во кое се најдобри. Немавме време да го достигнеме тоа ниво, но овој пат ќе биде поинаку. Вечерва ќе биде добар натпревар. Би било неверојатно да се победи и во Лигата на нации по ЕП, но нема да биде лесно“. За враќањето дома како херои по ЕП: „Беше одлично, затоа што многу луѓе направивме среќни, и млади и стари. Значи, тоа беше за секого, нешто што направи многу луѓе среќни, можеби и поради овие времиња во кои живееме. Навивачите беа ентузијасти, а ние играме за да ги забавуваме луѓето. Тоа беше прекрасно време. Најдобрите работи од ЕП? Веројатно односот што го создадовме во рамките на тимот. Тоа беше група што работеше заедно 50 дена, а тоа не е лесно. Имаше тешки, заморни денови, но немаше никакви проблеми. Тоа беше хемија и љубов меѓу сите нив, тоа не е лесно да се постигне“. За стилот на игра на Италија: „Секој меч е полн со тешкотии. Кога играме против послаби тимови, тешко е да се игра, бидејќи тие едноставно се фокусираат на одбраната. Не постои само еден начин да се победи, постојат многу начини. Не е доволно само добро да се игра. Се разбира, ако можеме да победиме играјќи добро и да се забавуваме, тогаш е најдобро. Перцепцијата за италијанскиот тим се смени, но не можеме да заборавиме дека Италија е земја со четири светски титули. Ние сме европски прваци и имаме значајна историја“. Утре во второто полуфинале, во Торино (20.45 ч.), играат Франција и Белгија. Победниците во овие мечеви в недела во Милано (20.45) ќе играат за трофејот, а поразените за третото место, во Торино (15 часот).

ЛИГА НА НАЦИИ

Италија – Шпанија 20.45 ч. Белгија – Франција утре, 20.45 ч. меч за трето место недела, 15 ч. финале недела, 20.45 ч.


2 views

コメント


bottom of page