Последната епизода на „Куќа од хартија“ на Нетфликс
Актерската и креативна екипа на мегапопуларната серија „Куќа од хартија“ се собра во Мадрид за последен пат, по повод премиерата на последните три епизоди од последната сезона на шпанскиот хит. Серијата за антихероите што го ограбуваат шпанскиот финансиски центар – Кралската ковачница за пари и Народната банка, постигна огромен светски успех, откако од шпанската телевизиска куќа Антена 3 2017 ја откупи Нетфликс.
Неколкупати серијата беше најгледан производ на стриминг-сервисот и им го отвори патот и на други американски продукции да стекнат светска популарност. Последната хит-серија од неанглиско говорно подрачје е „Сквид гејм“ и стана најгледана досега на Нетфликс.
Оваа есен Нетфликс ги прикажа првите пет епизоди од последната, петта сезона со неочекувани преврти.
Авторот на серијата Алекс Пина најави заокружување на целината и на заднинската приказна за главниот јунак – Професорот, кого во серијата го игра шпанскиот глумец Алваро Морте, кој е воздржаниот мозок на операциите. Тој изјави дека сака да мисли оти со серијата „покажале дека сѐ што е вредно не доаѓа секогаш од САД или од В. Британија“.
Глумицата Урсула Корберо ја освои публиката со ликот Токио. Таа рече дека била многу тажна и меланхолична последниот месец од снимањето, но успеала да ја надвладее тагата, бидејќи сега е време за славење, по заокружувањето на овој успешен проект.
Последната епизода на „Куќа од хартија“ ќе се емитува вечерва, на Нетфликс.
Comments