Последна вест од „Камп Ноу“: Лапорта донесе одлука за Куман
30.09.2021 Septemvri Cetvrtok
Роналд Куман останува тренер на Барселона најмалку до сабота, откако Жоан Лапорта и одговорните луѓе на клубот решиле да не носат избрзани одлуки во моменти на тензија и нервоза по вчерашниот болен пораз од Бенфика во Лигата на шампионите.
По средбата која Барса ја загуби со 3:0, Куман истакна дека не е сигурен за поддршката од клубот, но ова попладне пристигна информација дека Лапорта и неговите соработници на ургентниот состанок одлучиле да не се прават радикални промени, барем не до дерби пресметката која се игра веќе во сабота.
Барселона му гостува на Атлетико Мадрид на „Ванда Метрополитано“ и Куман ќе има улога на тренер на каталонскиот гигант на овој натпревар, на кој сепак нема да може да го води тимот од клупата поради суспензијата која треба да ја доработи.
По овој меч, следи репрезентативна пауза во која Барса нема да има натпревар најмалку 12 дена, период во кој сигурно ќе се донесе и конечна одлука за иднината на Куман.
Холанѓанецот во сабота дефинитивно игра за својата иднина во првиот тим, а доколку Барса загуби од Атлетико, тогаш отказот ќе биде неминовен.
– Резултатите се оние кои ќе му судат на Куман, а не еден нервозен испад на Лапорта од вчеравечер, – соопштуваат од клубот за „Мундо Депортиво“, потврдувајќи ја информацијата дека Роналд останува тренер барем до сабота.
Comentários