Последен настап на Елтон Џон во Британија
Завршува една од најголемите кариери во британската музичка историја, коментираат медиумите во Велика Британија, откако Елтон Џон настапи во Гластонбери, последна станица во Британија од прошталната светска турнеја.
– Оваа 76-годишна легенда ги почести своите обожаватели со мајсторија во пеење и сценска умешност, со листа на песни што никогаш не престанаа да даваат класични поп-моменти – пишува Марк Севиџ од Би-би-си во својата колумна.
Елтон излета на сцената непосредно по 21 часот, со „Pinball Wizard“, како што вети, песна што ја немал свирено повеќе од една деценија, по што следуваше „The Bitch Is Back“. Потоа застана за да здивне пред огромната публика, која според процените надмина 120.000 луѓе, и ги испружи рацете во знак на благодарност.
– Никогаш не мислев дека ќе свирам на „Гластонбери“ и еве сум. Ова е многу посебна и емотивна ноќ за мене, бидејќи можеби е мојот последен настап во Англија, во Велика Британија. Подобро да свирам добро и подобро да ве забавувам затоа што стоите таму толку долго – додаде тој.
Многумина од публиката дојдоа облечени во реплики на познатите парчиња од мјузиклот за Елтон Џон, „Рокетмен“. Концертот се одржа пред крајот на неговата турнеја, сега официјално турнеја со најголема заработка на сите времиња, со приходи од благајните од 887 милиони долари (697 милиони фунти). По Гластонбери, остануваат само неколку настапи, а финалниот концерт ќе биде во Стокхолм, на 8 јули.
Comments