Посакувам нов пласман на Македонија на ЕП
14.12.2020 Декември Понеделник
ОДБОЈКА – НИКОЛА МАТИЈАШЕВИЌ, СЕЛЕКТОР
Македонија има квалитет, искуство, желба и многу мотиви за нова, успешна квалификациска кампања и за нов настап на Европско првенство (ЕП) во одбојка, во 2021 година. Играњето на минатото ЕП, во 2019 година, за сите одбојкари и за мене, беше прекрасно, незаборавно доживување и сите посакуваме да се повтори тоа, ни изјави селекторот на македонската репрезентација, Никола Матијашевиќ, во телефонското јавување од Париз, пред утрешниот почеток на подготовките за двата квалификациски турнира што ќе се одржат во Скопје, од 11 до 16 јануари, во салата на СЦ „Борис Трајковски“, без присуство на публика. Македонија е во група со репрезентациите на Турција и на БиХ. Данска во последен момент го откажа настапот од безбедносни причини, поради пандемијата на ковид-19. – На поширокиот список се наоѓаат 21 одбојкар, речиси сите што настапија лани на ЕП, има неколкумина млади играчи, и очекувам повеќето да бидат на утрешната прва прозивка. Веднаш потоа ќе треба да ги направиме задолжителните тестови на коронавирусот по што ќе имаме појасна ситуација на здравствен план. Се надевам дека сѐ ќе биде во ред и оти потоа ќе можеме нормално да тренираме. Поради обврски во матичните клубови во странство, подоцна ќе ни се приклучат браќата Никола и Ѓорги Ѓоргиеви, како и Александар Љафтов, но тоа не би требало да биде никаков хендикеп, бидејќи тие се во полн тренажен процес и играат натпревари. Проблем може да биде само повредата на мускулот на централниот блокер, Филип Манџуков. Во моментов не знам колку е тоа сериозно, ќе видиме – вели Матијашевиќ.
Комплетните подготовки ќе се реализираат во Скопје, а покрај тренинзите се договорени и четири контролни средби со силната селекција на Бугарија. – Два натпревара ќе одиграме во Скопје, кон крајот на декември, на 29-ти и 30-ти, а потоа гостуваме во Софија, на 5 и на 6 јануари. Тоа ќе бидат многу сериозни проверки, токму какви што ни се потребни, бидејќи и Бугарите се подготвуваат за квалификациските дуели во Израел. Тренинзите во Скопје и дуелите со Бугарија се показател дека крајно сериозно ги сфаќаме овие квалификации, со желба да нѐ одминат неволјите со повредите и други несакани работи, како што се позитивните тестови, изолации и слично бидејќи немаме голем избор на квалитетни играчи – вели Матијачевиќ Турција, според квалитетот и реномето, е фаворит за освојување на првата позиција во групата што води во завршницата на ЕП. – Реално, Турците имаат најдобар состав, со многу одлични поединци. Но не се непобедливи, ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да ги победиме. БиХ, ако биде комплетна, со одбојкарите што играат во странство, во силни клубови, може да биде многу незгоден противник. Само посакувам да бидеме здрави и комплетни, да тренираме добро и потоа да се радуваме на нов пласман на Македонија на ЕП – вели Матијашевиќ.
На ЕП 2021 ќе се пласираат седумте првопласирани од групите и пет второпласирани со најдобар резултат во квалификациите. Настап на ЕП 2021 веќе обезбедија деветте првопласирани селекции од ЕП 2019 (Србија, Словенија, Полска, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија и Белгија), Летонија како победник на квалификациската група Д, како и репрезентациите на домаќините на континенталното првенство во 2021 година.
Познати шесте града-домаќини на ЕП 2021
Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) ги објави градовите-домаќини на 32-то Европско првенство (ЕП), што треба да се одржи од 30 август до 15 септември идната година. Натпреварите ќе се играат во три града во Полска (Гдањск, Краков и Катовице) и во по еден во Чешка (Острава), Финска (Тампере) и во Естонија (Талин). Завршните натпревари, двете полуфиналиња и мечевите за медали, треба да се играат во Катовице. На ЕП 2021, како и на минатото ЕП во 2019 година, кое првпат се одржа во четири земји, Словенија, Белгија, Холандија и Франција, ќе настапат 24 репрезентации поделени во четири групи (по шест селекции) од кои четирите првопласирани ќе ги продолжат натпреварите во осминафиналето. На ЕП 2019 првпат настапи и Македонија, во групата Ц, во Љубљана, Словенија и го освои петтото место забележувајќи две победи, над Словенија и над Белорусија.
Comments