Портретното творештво на Илија Аџиевски во Даут-пашин амам, изложба на познатиот македонски скулптор
„Портретот во фокус“ е насловот на изложбата што го претставува богатото портретно творештво на познатиот македонски скулптор Илија Аџиевски, а што ќе се отвори на 27 октомври, во 19 часот, во Даут-пашиниот амам. На официјалното отворање, почит кон работата и делото на без малку столетниот автор, во негово присуство, ќе искажат директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова- Ќерими, кураторот Ана Франговска, виш кустос во галеријата, и д-р Јелена Лужина.
„Ако ја употребите максимата на Микеланџело дека задачата на скулпторот е да ги ‘ослободи од заробеништво’ ликовите и телата на своите модели, тогаш Илија Аџиевски во своите портрети го постигнал токму тоа, ја ослободил продуховеноста и ја виртуализирал невидливата природа на портретираните ликови, допирајќи во најдлабоките тајни на нивната интима, замрзнувајќи во скулптурално дело неодгатнати аспекти на нивниот карактер со своите вешти раце и со својата уметничка визија и сензибилност. Во тоа е маестралноста на Аџиевски, затоа неговите портрети се сегмент од неговото скулптурално творештво, кое заслужува особено внимание и дигнитет“, посочуваат од Националната галерија.
Оттаму истакнуваат и дека пристапот на Аџиевски не бил да постигне академско-реалистична сличност, туку неговата намера била да ги пренесе најспецифичните особини на личноста што ја претставува, создавајќи своевиден коментар за нејзината продуховеност. „Оттука и најмногубројни се портретите на негови пријатели, духовно блиски личности, сограѓани со кои се познавал и ги делел задоволството и креативниот занес во создавањето уметнички творби. Меѓу нив имало и други ликовни уметници, поети, филозофи, писатели, естетичари, историчари на уметност или сродни по продуховеност пријатели“, додаваат од Националната галерија.
Илија Аџиевски е роден во Струга, во 1926 година. Во 1946 година се запишал во тогашното художествено училиште во Скопје кај професорите Димо Тодоровки, Вангел Коџоман и останатите основоположници на македонската современа ликовна уметност. Во 1949 година се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во класата на професорот Лојзе Долинар. Една година подоцна се префрлил на Академијата за ликовни уметности во Загреб, каде што дипломирал во класата на професорот Фране Кршиниќ, 1954 година. Неговите студиски престои биле во Грција, Турција, Италија, Франција и во Египет. По завршувањето на Академијата, почнал да живее и твори во Скопје како слободен уметник. Од 1956 е член на ДЛУМ. Во својот работен век има создадено голем број споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности и негови пријатели, како и статуети во помал формат. Излагал на голем број самостојни и групни изложби и е добитник на голем број признанија и награди. Живее и твори во Скопје.
Публиката ќе може да ја посети поставката еден месец.
Comments