top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Поповиќ: „Охридско лето“ испиша уште едно успешно издание

„Понудивме богати и квалитетни уметнички вечери со врвни уметници. Низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста имаа прилика да уживаат на фестивалската сцена од каде по 61-ви пат се славеше врвната уметност“, изјави за весникот ВЕЧЕР директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на завршувањето на годинешното 61. издание на фестивалот

„Испишавме уште едно успешно фестивалско издание на најголемиот и најзначајниот фестивал во земјава, ‘Охридско лето’. Доказ за тоа се врвните уметници кои настапија, позитивните оценки од стручната критика и задоволството на нашата верна публика“, изјави за весникот ВЕЧЕР директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на завршувањето на годинешното 61. издание на најреномираниот фестивал во земјата.

„Охридско лето“ вечерва ќе се затвори во Античкиот театар во Охрид со театарската претстава „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ, а во режија на Егон Савин, во изведба на Југословенскиот драмски театар од Белград.

„Со гордост можам да кажам дека понудивме богати и квалитетни уметнички вечери со врвни уметници. Низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста имаа прилика да уживаат на фестивалската сцена од каде по 61-ви пат се славеше врвната уметност“, истакна Поповиќ.

Таа посочи и дека покрај светските уметници почит и белег фестивалот оставил и со нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста кои имаат светска слава. Притоа успешно се реализирале и традиционалните вечери во соработка со странските амбасади.

„На сцената на Античкиот театар, во предворјето, како и во црквата ‘Св. Софија’, на Долни Сарај и во Центарот за култура се одржаа преку 40 културни настани. Посебно е задоволството е да се биде дел од тимот што го подготвува и реализира годинешново фестивалско издание. Работејќи посветено и професионално, успеавме да ги завршивме активностите за реализација на програмата и во време кога се соочуваме со ковид-криза. Со тоа обезбедивме континуитет во поглед на успешна и квалитетна програма која ќе му даде обележје на фестивал кој успешно опстојува повеќе од половина век“, додаде Поповиќ.

Инаку, претставата „На отворено море“ поставена од наградуваниот режисер Савин е остра сатира за политичкото и семејното лицемерие и неограничената корумпираност на човекот, како и стравот од вистината и одмазда на властите. Тоа е приказна за љубовната афера на една убава, среќно омажена жена со министер во владата. Сите имаат корист од оваа афера. А Нушиќ никогаш не би напишал драма за млада, мажена жена која има љубовник, но кога тој љубовник е министер во владата, тогаш тоа е и политичко и државно прашање…





1 view

Comentários


bottom of page