Помалку места во ЛШ според заслуги?
ФУДБАЛ
Челниците на Европската фудбалска унија (УЕФА) планираат да размислат за напуштање на т.н. „места според заслуги“ за некои тимови за пласман во Лигата на шампионите (ЛШ). Компромисниот договор се смета за неизбежен пред гласањето за промените во ЛШ од 2024 година на состанокот на Извршниот одбор (ИК) на УЕФА на 10 мај во Виена. Некои што порано го поддржуваа првичниот план за додавање две дополнителни места за тимови врз база на нивните постигнувања во минатото, наместо пласманот во домашната лига на крајот од сезоната, сега отворено се залагаат за додавање само еден тим, пишува британскиот весник „Телеграф“. Помеѓу оние што зад сцената силно лобираат против големиот ремонт на коефициентните места е организацијата на европските лиги. Тимовите што не се на водечките позиции во најсилните лиги, како и навивачки групи низ Европа се противат на најавените промени, за кои велат дека би ги фаворизирале најбогатите клубови. Одборот за клупски натпревари на УЕФА ќе се состане на 10 мај и има најави дека некои формални предлози би можеле да се променат пред конечно да ги одобри ИК. Давањето две од четирите нови места во проширената ЛШ со 36 тима врз основа на постигнувањата во минатото беше поддржано од Европската клупска асоцијација (ЕКА), уште пред некои од нејзините функционери да заминат во суперлигата, но и подоцна. Најголеми противници на таа идеја, пак, се клубовите што се надвор од европската елита, т.н. помали тимови, главно од Премиер-лигата и германскиот Ајнтрахт, a претставници на групата „Европски фудбалски навивачи“ (ЕФН) минатата недела се сретнаа со претставници на УЕФА.
– Прво, не сакаме, ниту можеме да си дозволиме повеќе натпревари. Второ, дозволувањето на клубовите да се квалификуваат за ЛШ врз основа на минатите постигнувања е во спротивност со принципот на спортски заслуги – изјави извршниот директор на ЕФН, Ронан Ивајн, пренесе „Телеграф“. Во минатиот месец, „Телеграф“ објави дека некои од предложените промени би можеле да доведат до тоа победник на ФА-купот потенцијално да се квалификува во ЛШ, според системот на коефициенти. Потпретседателката на Вест хем, Карен Брејди, во својата колумна во весникот „Сан“, меѓу другото, напиша дека УЕФА му намигнува на „богатиот клуб на момчиња на кои не им се допаѓа идејата за фер конкуренција дома, оставајќи ги без дополнителни големи пари во странство“. Според предлозите, од сезоната 2024/2025 ЛШ треба да се прошири од 32 на 36 тима, во една лига (без групи) во која сите тимови според т.н. „швајцарски систем“ во првата фаза би одиграле по 10 меча (досега по шест) или вкупно треба да има дополнителни 100 натпревари по сезона.
Σχόλια