top of page

Полски и чешки професори и студенти учат македонски јазик во Скопје и Охрид

Целта на проектот (во рамките на која се следат предавањата и часовите по македонски јазик), е програма за нови меѓународни магистерски студии кои ќе црпат од потенцијалите на славистиката од различни земји, а тоа практично значи дека планираните предмети ќе ги предаваат стручњаци од Чешка, Полска, Македонија и од други словенски земји“, посочува вонр. проф. д-р Јасминка Делова-Силјанова од Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје

Професори и студенти од Шлезискиот универзитет во Катовице, Полска и од Остравскиот универзитет во Острава, Чешка, деновиве следат интензивен курс по македонски јазик во нашата држава. Нивното присуство во Македонија е во рамките на Летната школа која се одржува во периодот од 9 до 19 јули, а домаќин на триесетте учесници е Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Летната школа се организира во рамките на меѓународниот Еразмус+ проект „Модерни славистички студии“.

„Тие покрај предвидените предавања во рамките на проектот, следат и интензивен курс по македонски јазик што го води проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска. Во програмата, покрај предавањата и часовите по македонски јазик, предвиден е разглед на знаменитостите на градот Скопје, посета на кањонот Матка и разглед на градовите Охрид и Струга“, вели вонр. проф. д-р Јасминка Делова-Силјанова од Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Инаку, „Модерни славистички студии“ е меѓународен проект на Шлезискиот универзитет во Катовице, на Универзитетот во Острава и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Главната тема на проектот е визијата за славистика која ќе им одговара на потребите на денешниот свет и која ќе ја земе предвид разнообразноста на регионот со употреба на најновите трендови во дидактиката.

„Целта на проектот е програма за нови меѓународни магистерски студии кои ќе црпат од потенцијалите на славистиката од различни земји, а тоа практично значи дека планираните предмети ќе ги предаваат стручњаци од Чешка, од Полска и од Македонија и од други словенски земји. Чешко-полско-македонскиот академски тим веќе две години работи на можноста во блиска иднина на потенцијалните студенти да им понуди меѓународна славистичка програма. Предметите се подготвувани во тесна соработка меѓу партнерите, а некои од нив опфаќаат и заедничка настава со професори од различни центри“, додава Делова-Силјанова.

Таа додава дека токму на Летната школа е предвидено во пракса да се испробаат веќе подготвените предметни содржини, а притоа чешките и полските учесници да се запознаат со јазикот и културата на уште една словенска земја.

Инаку, неодамна од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, посочија дека Полските студенти се восхитени од автентичноста на македонскиот јазик, кој на Шлезискиот универзитет можат да го изучуваат од најосновното рамниште, а еден дел од нив продолжуваат со изучувањето на повисоки рамништа. Затоа, на вториот циклус студии, часовите по македонски јазик се одвиваат интензивно, на значително високо рамниште, а на Универзитетот има и докторанди по македонски јазик.

Како резултат на овој проект, како што се посочува, веќе ќе може да се очекува и зголемување на интересот за македонскиот јазик, литература и култура на вториот циклус студии на Шлезискиот универзитет.

Од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура потенцираат дека овие информации доаѓаат од лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, Полска, по повод значајниот јубилеј што ќе се одбележи во текот на претстојната академска година – 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице. (Д.Т.)


 
 
 

Commentaires


bottom of page