Полесно со справувам со неуспесите отколку со успесите
ФУДБАЛ – ПЕП ГВАРДИОЛА, МЕНАЏЕР НА МАНЧЕСТЕР СИТИ
Во ексклузивното интервју за „Скај спорт“, менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер сити, Пеп Гвардиола, зборува за важноста на неговиот однос со Манел Естиарте, кој е дел од неговиот стручен штаб во улога на психолог, за тешките моменти во животот, особено по поразот од Реал Мадрид во полуфиналето од Лигата на шампоните (ЛШ) минатата среда. Два гола предност до последната минута, но, сепак, Сити беше елиминиран. Што би можел да каже Гвардиола за тоа? – Не многу, уште не сум го гледал повторно натпреварот. Се разбира, ќе го анализираме. Но на натпреварите од ваков тип има многу емоции и сега претпочитам да бидам фокусиран на други работи – вели тој. Фокусот и единствена цел на Сити сега е да победи на сите натпревари до крајот на сезоната и да ја задржи титулата во Премиер-лигата. По мечот во Мадрид, Гвардиола им даде слободен ден на играчите, но не и себеси. Тој беше во тренинг-центарот, вршејќи ги обврските кон медиумите. Постои претстава за Гвардиола на клупата, за неговите гестови, за човек што се внесува комплетно во мечевите и, некако, се очекува да биде скршен по поразот. Сепак, тој не гледа така на тоа. Неуспесите се тие што го формирале како личност.
– Што е животот? Животот не се состои секогаш од добри моменти. Во спортот, особено, има повеќе лоши отколку добри моменти. Мене ми е удобно кога се справувам со вакви ситуации. Понекогаш ми е поудобно во тие ситуации отколку кога се справувам со успехот – објаснува тој. Естиарте е поранешен олимписки шампион на Шпанија во ватерполо. Неговото присуство во стручниот штаб на Гвардиола нема многу врска со фудбалот, но има со психологијата. Тој им помага на играчите да се справуваат со притисоците, но тоа не е неговата главна задача во Сити. – Манел се грижи за мене, тоа му е доволно – вели на шега Гвардиола. – Тој е мој пријател многу, многу години. Тој беше најдобриот во неговиот спорт. Има неверојатно чувство за тоа што се случува во тимот, не во врска со тактиката, туку што ни треба, што бараме. Ми помага многу, особено во лошите моменти. Се разбира, заедно сме и во добрите моменти. Тој има важна улога во клубот. Тој е неверојатна личност за моето семејство, исто така и за клубот – рече Гвардиола. Гвардиола инсистира дека по натпреварот со Реал Мадрид ништо не им кажал на играчите. – По натпреварот, нема зборови што можат да ја исконтролираат или да се справат со болката што ја имате по тој резултат. Сега сите зборуваат. Затоа им реков на играчите: Не читајте многу, држете се настрана од ова и фокусирајте се на себе – вели Гвардиола. Имаше доста критики за Џек Грилиш, кој лани беше ангажиран за 100 милиони фунти (околу 120 милиони евра) и кој двапати беше блиску до постигнување гол што Сити ќе го одведеше во финалето. Гвардиола одмавнува со раката. – Џек беше брилијантен откако влезе во игра, но немаше среќа во тие ситуации – вели тој. Имаше критики и за Гвардиола, се разбира. Тој пораз значи дека до финалето на Лигата на шампионите следната година ќе поминат 12 години откако тој последен пат го освоил трофејот, со Барселона. Но тој страсно ги брани своите постигнувања.
– Ситуациите доаѓаат како што доаѓаат. Почитувајте ги. Она што треба да направиме е да ставиме на маса кои сме и што направивме на овие два натпревара. Што направивме во Премиер-лигата, што направивме во Лигата на шампионите, во која лани загубивме во финалето. Од 13 натпревари, победивме на 11, по еднаш ремизиравме и загубивме. Сезонава повторно игравме во полуфинале. Сакаме да ја освоиме Лигата на шампионите, секако. Но кога ме повикаа, не ми кажаа дека мора да ја освоиме. Дури ниту Премиер-лигата. Тие ми рекоа дека сакаат да бидеме конкурентни во сите натпреварувања до крајот, да бидеме тим што е убав за гледање за нашите гледачи и да победува на што повеќе натпревари во сите натпреварувања. Затоа тропнаа на мојата врата да дојдам. И го направивме тоа. Тие што играат против нас, исто така, се добри, трчаат, се борат – вели Гвардиола. Натпреварот во Мадрид, Гвардиола го опишува како еден од неговите најгорди моменти. – Начинот на кој игравме, начинот на кој се однесувавме. Сега остануваат само две недели до крајот на сезоната и пред нас се четири натпревари, три за кратко време. Ни претстои најважната недела од сезоната во Премиер-лигата. Нема место за грешки – рече Гвардиола.
Comments