Поетски избор од кинескиот поет Су Ши објавен на македонски
„Избрани песни“ е книгата од класичниот кинески поет Су Ши што неодамна ја објави Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“.
Изборот, препевот од класичен кинески јазик, предговорот и белешките се на Игор Радев. Во овој избор се објавени околу 150 песни, а во обемниот предговор Радев дава детална анализа на неговата поезија, но и на карактеристиките, посебно на формите на класичната кинеска поезија.
Су Ши (1037 – 1101), познат и како Су Тонг По е најпрочуениот поет од ерата на династијата Сонг. Тој е живо олицетворение на конфуцијанскиот идеал на сестрано култивирана личност, зашто Су Ши освен по поезијата, подеднакво е славен по својата сликарска уметност, калиграфија, есеистика, политичка дејност, па и научни иследувања. Над 3000 песни од Су Ши се зачувани до наше време.
Славен уште за време на животот, по смртта неговата слава само нараснувала. Многу места во Кина се чува споменот за него. Името му се памети како на еден од најпрочуените поети во историјата. И не само во Кина. Тој е популарен поет и во Кореја и Јапонија.
Comments