top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Поетесата Снежана Стојчевска: Скопски поетски фестивал кој долго време беше само сон, станува реално

27.08.2021 Avgust Petok

“На фестивалот што ќе се одржи од 1 до 3 септември во МКЦ се планира да настапат 11 домашни поети, како и пет поети од странство, меѓу кои Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови. Се надеваме дека ситуацијата со ковид нема да го оневозможи нивното присуство, иако се подготвуваме и за алтернативно претставување на авторите“, вели Стојчевска, еден од организаторите на првиот Скопски поетски фестивал

За Скопскиот поетски фестивал разговараме со познатата поетеса Снежана Стојчевска, член на Друштвото на писатели на Македонија. Таа е и еден од организаторите на настанот заедно со Јулијана Величковска, Ана Голејшка Џикова, Јованчо Димоски, Ѓоко Здравески и Биљана Стојановска.

Oд 1 до 3 септември во Скопје ќе се одржи првото издание на Скопскиот поетски фестивал (СПФ) во Младинскиот културен центар. Кажете ми, како еден од организаторите, како дојдовте на идеја за еден ваков фестивал во нашата метропола?

Идејата за поетски фестивал во Скопје подолго време како жарче тлееше во сите нас и одвреме-навреме се споменуваше како мечта, како убав сон или занесување, сѐ додека еден ден пред три години Јулијана Величковска не собра храброст и рече „дечки, ајде да правиме фестивал“. И така, нешто што долго време беше само сон, почна да станува реалност. На нејзина покана се вклучив во тимот. Ми дојде сосем природно да сум дел од оваа екипа прекрасни луѓе и поети.

Можете ли да ни откриете кој сè ќе биде учесник на фестивалот, како и самата програма во овие три дена?

На фестивалот се планира да настапат 11 домашни поети, меѓу кои сме и ние организаторите, заради немањето средства да поканиме други поети, како и дополнителните отежнувања заради ситуацијата со ковид.

Ќе настапат и пет поети од странство, меѓу кои Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови. Се надеваме дека ситуацијата со ковид нема да го оневозможи нивното присуство, иако се подготвуваме и за алтернативно претставување на авторите. Можни се измени во програмата во последен момент.

Нештата се дефинираат деновиве и за скоро време ќе ја соопштиме и конечната програма на фестивалот. Засега можеме да кажеме дека планираната програма ќе содржи тематско читање посветено на народната поезија и фолклорот воопшто, а за таа цел читањата ќе бидат и музички поддржани со настап на ВИС „Тркалезна маса“, ќе се емитуваат и неколку куси поетски филмови: дел од нив се наменски снимени и инспирирани од песни на поетите што ќе читаат на интернационалната вечер, а ги сними Валентина Бактијаревиќ од Србија, а остваривме и соработка со „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални филмови од Белград, Србија, чии организатори за нас направија избор од шест куси поетски филмови од автори од САД, Јапонија, Германија и Канада. Ќе биде отворена и изложба на која 16 ликовни уметници и графички дизајнери ќе се претстават со свои дела што се директно инспирирани или комуницираат со конкретна песна од секој од поетите што ќе настапат на фестивалот. Се чини дека заради условите, планираниот поетски саем на книгата ќе се одложи за следната година. Важна да се спомене е и работилницата по креативно пишување поезија (мастерклас) што ќе ја води Ким Симонсен, поет и редовен професор на Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на Станфорд, на Оксфорд, и на други познати универзитети. Работилницата ќе се одржи во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и Институтот за македонска литература.

Која беше вашата намера кога тргнавте во реализација на овој интернационален настан со оглед на присуство и на странски поети?

Нашата идеја и желба беше да претставиме различни поетики и да се слушне поезија на различни јазици. А намерата за нешто такво е едноставна, потребна ни е комуникација со културите, а не изолираност. Македонскиот јазик, а со тоа и македонската книжевност е достапна за мал број говорители, па на ваков начин, преку разни меѓународни соработки сакаме да помогнеме македонската култура да одекне што подалеку, прво со самите впечатоци што со себе ќе ги понесат учесниците од странство, но и со контактите што ќе ги оствариме со други организатори на слични настани, преведувачи и сл. Во денешно време, да се организира фестивал само за домашната сцена и само за домашни автори, би имал мошне слабо влијание врз подобрувањето на квалитетот на сцената, а ние токму тоа сакаме да го постигнеме.

Дали ја добивте очекуваната поддршка со оглед дека се работи за прв ваков настан организиран во Скопје од ентузијасти?

Како секој почеток така и нашиот е трнлив. Лани бевме приморани да го откажеме почнувањето на фестивалот бидејќи пандемијата беше нешто ново за сите нас. Годинава вложивме многу енергија во осмислување и реализација на фестивалот, но за жал нашата визија не беше препознаена од надлежните во Министерството за култура. Се надеваме дека годинава ќе докажеме дека нашата идеја и визија е вредна за да биде поддржана како настан што ја слави поезијата и градот. Веќе добивме скромна поддршка од Град Скопје, а особено сме благодарни на тимот на Младинскиот културен центар, што безрезервно нѐ поддржа во рамки на своите можности.

Која е Вашата визија, цел, плановите поврзани со овој фестивал и сметате ли дека се реални шансите овој фестивал да стане традиција и подеднакво атрактивен со oстанатите поетски фестивали во светски рамки?

Вистинско време е ние како генерација да направиме нешто големо на овој план и да го оставиме за идните генерации. На сличен начин настанале и многу други поетски фестивали што веќе влегуваат во четвртата, петтата, па и шестата деценија од постоењето. Па, во таа насока, нашата визија е Скопски поетски фестивал да стане значаен фестивал во регионот, а потоа и во Европа. Идејата е на иновативен начин да овозможиме книжевна соработка со што повеќе култури, а преку тоа да ја подобриме и домашната поетска сцена. Носиме многу идеи и многу енергија во себе и сметам дека она што ни недостига е само поддршката од институциите која е неопходна за вакви некомерцијални културни настани.

Чувствуваме одговорност кон идните генерации да им овозможиме контакт со квалитетна литература и уметност воопшто, да ги инспирираме, да ги поттикнеме на креативна работа и да им понудиме и простор да се изразат.

Сакаме овој фестивал да биде настан што со радост ќе го очекуваат и публиката и уметниците. Ова е фестивал за сите нас. Во вакво пандемиско време, во кое секојдневно сме под пресија и стрес, културниот живот и духовната храна се неопходни и од суштинско значење за зачувување на менталното здравје и човечноста.

Фестивалот е интернационален со мултидисциплинарен карактер

По што овој фестивал ќе се разликува од останатите поетски дружења во државата?

Секој фестивал си носи свои убавини, свои обележја и карактеристики. Скопски поетски фестивал претендира да донесе свежина во содржините, но и во начинот на кој поезијата ќе биде претставена и ќе комуницира со други креативни ангажмани ‒ од ракотворби, па сѐ до филмови. Фестивалот покрај тоа што е интернационален има и мултидисциплинарен карактер. Поезијата ќе биде основното јадро околу кое ќе осцилираат останатите уметности и уметници и на тој начин ќе понудиме простор во кој креативците меѓусебно ќе се поттикнуваат и инспирираат. Искрено се надеваме дека ќе го поттикнеме интересот кај публиката и дека ќе бидат дел од ова поетско доживување.




1 view

コメント


bottom of page