Поетесата Даниела Андоновска-Трајковска: Поезијата има огромна задача, таа мора да биде нашата свест
Updated: Oct 6, 2021
05.10.2021 Oktomvri Vtornik
„Живееме во свет кој постојано нè лаже дека немаме време и нè тера да се бркаме со самите себе за да се стигнеме себеси. Така стануваме модерен Сизиф кој во суштина и не оди по нагорна линија, туку живее на една права поместувајќи се од една точка до друга, од една отсечка до друга и пак враќајќи се кон нулата…“, вели поетесата Андоновска-Трајковска во пресрет на скопската промоција на нејзината книга „Математичка поезија“ за која од Друштвото на писателите на Македонија ја доби престижната награда „Ацо Шопов“
Во галеријата Ко-Ра во Скопје на 6 октомври во 12 часот, ќе биде промовирана Вашата книга „Математичка поезија“. Кажете ни нешто повеќе за ова Ваше наградено дело?
За „Математичка поезија“ (изд. Центар за култура и културолошки студии – Скопје, 2020) ја добив наградата „Ацо Шопов“ – највисокото признание за поезија што го доделува Друштвото на писателите на Македонија, но заради пандемијата промоцијата во Скопје се случува сега по промоцијата во Штип, Кочани и Битола. Книгата содржи топла и лирска поезија која зборува и за човекот и за неговата свесност за постоењето во времето и просторот. Така, лирското Јас осознава дека се раѓаме во совршен свет без агли, но ние во сè гледаме искршени линии и остри агли кои како лоши зборови и мисли си ги упатуваме едни на други, казнувајќи се себеси преку уништувањето на другите за да мораме на крај да ја измислиме теоријата на еволуцијата за да преживееме во централниот агол на нашата смрт.
Живееме во свет кој постојано нè лаже дека немаме време и нè тера да се бркаме со самите себе за да се стигнеме себеси. Така стануваме модерен Сизиф кој во суштина и не оди по нагорна линија, туку живее на една права поместувајќи се од една точка до друга, од една отсечка до друга и пак враќајќи се кон нулата без да сме свесни дека дишеме во две димензии кога животот ни постои во рамките на еден координатен систем со координати кои сите ги знаат.
Наспроти рефлексивните, философските и ангажираните песни во оваа книга, љубовните песни се кратки и експлозивни со суптилна еротика во кои љубовта е конкретна и човечка исто толку колку што е и божествена и метафизичка. Песните се напишани со математички јазичен код, така што точката, правата и рамнината, геометриските фигури, броевите, множествата, аритметичките операции и слично стануваат симболи за почетокот на светот околу нас и во нас, за пронаоѓањето на себеси во хаосот од случувања и интеракција со другите, за тоа како се доживуваме себеси, за Јас-твото и за Другоста, за љубовта и за човекот како естетски објект и субјект.
Ова е Вашата осма книга со поезија. Што Ве поттикнува да творите и всушност, која е темата што провејува во Вашите дела?
Најчесто во мојата поезија има философски теми кои произлегуваат од обични и секојдневни животни ситуации како обид да се зачува мигот и да се направи видлив и забележлив за сите наши сетила, но тоа е направено на директен начин, без непотребни дескрипции, одолговлекувања, дигресии, заобиколувања и со користење на украсни зборови, бидејќи, за жал, ние луѓето не знаеме да живееме во мигот, туку сме заглавени во минатото или сме насочени кон иднината.
Мојата поезија е исто така социјално ангажирана, бидејќи пишувам за влијанието на модерниот начин на живот врз нас луѓето, што е главна тематика на мојата поетска книга „Електронска крв“, за влијанието на социјалните медиуми врз нас, за отуѓувањето и социјалното дистанцирање, за модерната љубов која е далеку од клеточна љубов, но исто така и за безвремената, универзалната и безусловната љубов кон која сите треба да се стремиме, за човечките доблести и недостатоци, но и за себе, бидејќи неретко лирското Јас е моето Јас.
Сепак на таквите песни им давам една поширока димензија за читателот да ги доживува како свои и да може да се поврзе со нив, затоа што лирската песна треба да биде заокружена, кохерентна и неделива целина – како семка која во себе го содржи сето време што е подготвено да се ослободи во секој читател посебно, а секој читател во исто време е и автор, односно коавтор на таа песна. А што има поблагородно од тоа некому да се подари време?
Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) со наградата за поезија „Ацо Шопов“ ја потврди вредноста на Вашиот поетски труд. Но, Вие сте добитник и на многу други награди…
Имам добиено неколку значајни награди за моето творештво и тоа: Носиде (Италија, поддржана од УНЕСКО, 2011), „Празник на липите“ за необјавена песна доделена од ДПМ во 2018, „Крсте Чачански“ за книгата со кратки раскази „Кафе, чај и црвено небо“ доделена од „Бран“, Струга во 2019, „Караманов“ за поетската книга „Електронска крв“ во 2019, Македонска книжевна авангарда што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје во 2020 за книгата „Куќа на контрасти“, Abduvali Qutbiddin што ја доделува книжевното списание “Book World” од Узбекистан во 2020, Premio Mondiale “Tulliola – Renato Filippelli” за „Електронска крв“ во Италија (2021), “City of Galateo-Antonio De Ferraris” (Рим, 2021) и највисоката награда за поезија што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга објавена во 2020 за „Математичка поезија“. Оваа награда се доделува повеќе од 20 години и има големо значење за мене, бидејќи ја добиле многу наши значајни книжевни имиња од современата македонска поезија. Сето тоа ме обврзува да се надраснувам себеси постојано и да верувам дека тоа што го создаваме сепак остава културна трага која создава историја.
Вашата поезија е преведена и на повеќе други јазици. Што значи ова за Вас како писател и воопшто за македонската литература?
Мојата поезија е преведена на 37 светски јазици и е објавена во многу светски антологии и реномирани книжевни списанија. Во 2021 година излезе од печат и мојата книга „Електронска крв“ на арапски јазик во вид на двокнижие заедно со поетската книга „Подземно јаболко“ од познатиот македонски поет Борче Панов. И двете книги се во превод на истакнатиот арапски поет и препејувач Раед Анис Ал-Јиши, а во издаваштво на реномираната издавачка куќа Равашен во Обединетите Арапски Емирати. Книгите беа промовирани и претставени во мај 2021 на еден од најголемите светски саеми на книга во Абу Даби, а сега повторно се изложени на Светскиот саем во Саудиска Арабија кој во моментов се одржува и ќе трае до 10 октомври (Riyadh International Book Fair). Ова издание е многу значајно, затоа што претставува промоција на македонската книжевност и култура во арапскиот свет. Исто така, неодамна излезе од печат и “Dandelion Cadence“ – книга на англиски јазик од двајца македонски и двајца индиски поети во Калкута, Индија (Даниела Андоновска-Трајковска, Борче Панов, Сридар Саркар и Санкар Саркар) за која има позитивни рецензии од познати книжевници и универзитетски професори од Македонија, Бугарија, Црна Гора, Филипини и Индија. Значајно е да се спомене дека автор на сликата која е ставена на корицата е познатата македонска сликарка Симонида Филипова Китановска, која исто така е автор на сликите за кориците на „Математичка поезија“ и „Електронска крв“ на англиски јазик која деновиве ќе излезе во издаваштво на издавачката куќа Сајбервит од Индија, а ќе биде достапна за читателите на нивниот сајт и на Амазон.
На што работите во моментот и дали македонската публика може наскоро да очекува нова книга од Вашата богата поетска ризница, или можеби расказ, роман…?
Во печат е мојата деветта книга поезија со наслов „Пеш по воздушна линија“ финансиски поддржана од Министерството за култура на РС Македонија, а во издаваштво на „Ми-Ан“ од Скопје. Книгата содржи поезија која е пишувана во карантински услови во време на пандемија со ковид-19, така што тука има песни во кои лирското Јас е директен учесник во светските случувања и буден набљудувач, но и такви кои настанале токму поради затвореноста на телото и физичката, па и социјалната дистанца во време на пандемија за да служат како показалец кон сè што вистински нè оддалечува од нас самите, но и како поттик за размислување за сето тоа што сме биле во минатото, што сме сега и што ќе понесеме во иднината. Современата поезија, и не само современата, туку воопшто поезијата има тешка и огромна задача: таа не смее да биде „разубавена“ информација, гола естетика или патетика на духот – таа мора да нè спаси од себеси и мора да биде нашата свест, нашата водилка и нашиот спас. (Д.Т.)
Коментарі