„Подиумот на млади“ како вовед на „Охридско лето“
Во пресрет на почетокот на годинешното 61.издание на Фестивалот „Охридско лето“, викендов ќе се одржи „подиумот на млади“, со настапи на младите уметници Александар Хаџиевски од Србија на пијано, како и македонските млади музички виртуози Андреј Петрески на обоа, Филип Петрески на хармоника и пијанистот Виктор Рафајловски.
„Подиумот на млади“ е проект чиј идеен творец и организатор е Музичката младина на Северна Македонија која на публиката на „Охридско лето“ пред свеченото отворање ѝ носи исклучително талентирани млади музичари со внимателно одбрана програма.
По 22-годишна пауза проектот повторно се врати на фестивалската сцена во 2019-тата година носејќи ги младите и исклучително талентирани уметници.
„Подиумот на млади“ е востановен пред 50-тина години. Имавме прекин од 22 години за да се вратиме повторно во 2019 година. За жал, заради пандемијата, минатата година не настапивме, но продолжуваме годинава и се надевам ќе траеме уште долго на „Охридско лето“, вели претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски.
Тој најави дека „Подиумот на млади“ во иднина ќе носи и млади уметници не само од регионот, туку и пошироко.
„Планираме преку Светската федерација на Музичката Младина, изборот и предлогот да биде од повеќе земји со појасни критериуми за да се вратиме со тридневна програма на фестивалот како што беше порано на самите почетоци, сѐ со цел, да го претставиме актуелниот момент на младинското творење, не само од Балканот, туку и од Европа и светот“, појаснува Герасимовски.
За концертите на младите уметници е резервирана сцената на катгедралната црква „Света Софија“ вечерва и утре, со почеток од 20 часот.
Comments