top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Под слоганот „Можеш ли да ја почувствуваш светлината?“ почна „Скопскиот моден фестивал“

Под слоганот „Можеш ли да ја почувствуваш светлината?“ почна втората сезона на „Скопскиот моден фестивал“, со три ревиски дена, а потоа и со еднонеделен изложбен салон, од 13 до 20 ноември, во трговскиот центар „Скопје сити мол“. Честа да го отвори второто издание на настанот ѝ припадна на колекцијата „Ти можеш, ти си силна“ од добро познатиот македонски бренд „Елеазар“, на дизајнерката Маја Кикириткова. Таа е инспирирана од жената во својата најдлабока форма на самоувереност и самостојност, со креации што истовремено издишуваат жена без предрасуди и жена што знае што сака. Kaко второ модно изненадување следуваше автентичниот уметнички приказ „Гоблен“, со потпис на дизајнерот Етник Шала, екстравагантен гостин од Косово, кој првпат ѝ се претставува на македонската публика. Колекцијата, за која присутните имаат единствена шанса да ја проследат на сцената на фестивалот, го носи името на традиционалниот украс што тој го навезува на уникатни модели со посебен колорит. Завршетокот на првиот ден донесе нови идеи од нови дизајнери што доаѓаат од Академијата за моден дизајн при „Скала“, школата за дизајн, уметност и технологија. Под менторство на професорите Александар Ношпал и Никола Булески-Буле, петте млади и надежни имиња Марија Трајковска, Ангела Спасовска, Луна Аврамовска, Милица Димитријевиќ и Ива Ивановска, со своите креации ќе нѐ прошетаат во ерата на 1970-тите, либералистичкото движење, панкерските ноти и убавината на жената – вечниот неисцрпен извор на инспирација. Вечерва ревијалната програма ќе стартува со првата самостојна ревија на Мелани Дигит пред скопската публика. По учествата на престижни настани во странство, нејзините креации најпосле ќе дебитираат на фестивалот и во нашата метропола. Брендот промовира одржлива мода со апциклична облека. Колекцијата со назив „Фигура“ ќе ни претстави машки и женски модели што се нова стилска интерпретација на старите капути, бунди, мантили, јакни и палта. Веднаш по неа, на ред е ревијата на една од најавтентичните домашни дизајнерки – Сара Реџиќ, која ќе ја презентира најновата колекција со назив „Јесенија“. Таа доаѓа како резултат на сето она што брендот го промовира со години – романтична и одржлива приказна, преку триесет комбинации искроени со љубов. За раскош и блесок на подиумот ќе се погрижи модното ателје „Краљевски“, со премиерен приказ на колекцијата наречена „Нема граници“. Таа е инспирирана од главната идеологија на брендот дека во модата не постојат граници. Креациите оддаваат силен израз на бескомпромисни дезени и принтови инспирирани од различните стилови на клиентите на брендот.

Моќта на машката мода ја вдахнува брендот на етаблираниот дизајнер Роберт Ивановски, кој на крајот од втората фестивалска вечер ќе промовира линија на ленени машки креации во црна, кралска сина и зелена боја. Чувството на комфор и стилизирана комбинираност е суштински елемент во колекцијата именувана „X|“. Третата ревиска вечер, в сабота, спектакуларно ќе ја отвори сценското шоу на брендот „Хрлајн“. Со колекција содржана од женствена спортска облека и елегантни костими за капење „Ревелејшн“ ќе ѝ донесе поинакво откритие на публиката, редефинирајќи ја визијата за квалитетни и удобни модели со нивните препознатливи заштитни лица. „Либерти“, пак, е симболичниот назив на колекцијата со уникатни изгледи на Стефанија Насеска. Нејзиниот бренд повеќе од една деценија се стреми кон рушење на стереотипите и ги поместува границите во модниот свет. Општествените случувања на глобално ниво, проткаени со непрекинат поглед кон убавото, претставуваат новото лице на популарната дизајнерка, кое присутните ќе го видат на втората саботна ревија. Нотите на грациозност и самодоверба се дел од новата колекција на македонскиот бренд „Ла мезон Цеце Т“. Дебитантската ревија на фестивалот ќе ја има со колекцијата именувана „Метаморфозис“, а преку изведбата ќе ја маркира елеганцијата во допир со женската фигура.

Крунисувањето на ревиските вечери ќе ѝ припадне на престижната модна куќа „Елена Лука“, со колекцијата за пролет и лето „Сатен дрим“, која ексклузивно ќе биде обелоденета на „Скопскиот моден фестивал“. Креативниот импулс вткаен во креациите е поттикнат од божиците и нимфите од грчката и римската уметност. Во деликатната изработка се користени памучен сатен, префинета органза и свилен жоржет, а во колоритот е доминантна палетата од земјени, златни и бакарни нијанси. Светлината најсилно ќе засвети в недела, на 13 ноември, кога вниманието кон единствениот моден фестивал во земјата ќе се пресели во изложбениот салон, на првиот кат од трговскиот центар „Скопје сити мол“. Сите заинтересирани ќе можат на едно место да ги погледнат и нарачаат оригиналните креации на учесниците на втората сезона. Свеченото отворање е од 13 часот, со дегустација на вино и богата музичка програма на менито.




2 views

Comments


bottom of page