Повторно се чувствувам како мало дете кога играм фудбал и одам на тренинзи
АДА ХЕГЕРБЕРГ, НАЈДОБРАТА СВЕТСКА ФУДБАЛЕРКА
Големата, 20-месечна пауза поради тешката повреда на коленото беше предизвик за поранешната освојувачка на „златната топка“, Норвежанката Ада Хегерберг. Враќањето на натпреварите во Лига на шампионите (ЛШ) беше потсетник за она што неа и на фудбалот им недостигаше. Хегерберг (26) се повреди во јануари 2020 година, кога беше во врвна животна форма. Четири месеци претходно таа го собори рекордот според бројот на голови во ЛШ, а во мај 2019-та постигна хет-трик во финалето против Барселона (4-1), во кое Лион ја освои четвртата од петте европски титули во низа. Во минатата недела таа „повторно се почувствува како фудбалерка“, откако влезе во игра на мечот со Хакен во првиот меч на Лион сезонава во групната фаза во ЛШ.
– Го преживував тој момент низ мојата глава во текот на сите месеци. Имаше многу емоции и чиста радост. Поминав тежок пат, но ова ми беше како голема победа. Како да не ми беа потребни 20 месеци за потсетување колку го сакам фудбалот, но, секако, ми помогна повеќе да го ценам спортот. Тоа е мојата најголема страст и повторно се чувствувам како мало дете кога играм фудбал и одам на тренинзи. Така треба да биде – изјави Хегерберг за „Би-би-си“. Таа им се врати на тренинзите и на натпреварите, но свесна е дека ја чека уште многу работа. – Знам дека бев во најдобрата форма пред 20 месеци, но реална сум и јасно ми е дека морам да бидам трпелива и оти ќе ми треба многу ментална и физичка сила за да бидам повторно во оптимална форма. Сѐ додека уживам во фудбалот и останам фокусирана, знам дека со работата што ја вложив и ќе ја вложам, ќе успеам, апсолутно сум сигурна во тоа – вели Хегерберг. Проблемите се зголемија и поради фактот што голем дел од рехабилитацијата се случуваше за време на ограничувањата поради коронавирусот. Додека таа беше повредена, заврши и петгодишната европска доминација на Лион, со елиминацијата во четврт-финалето. Барселона е новиот првак, а сега Хегерберг сака да му помогне на Лион да се врати на врвот.
Comments