Повеќе од 550 учесници од девет земји на 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје
Со прикажување на филмот „Вратената“ (L’Arminuta) во режија на Џузепе Бонито, снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио, утревечер (5 октомври) во 19 часот, во киното “Милениум“, во Скопје, се отвора 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. Дел од ова филмско дружење кое ќе се одвива на добро познатите локации Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“, ќе бидат повеќе од 550 учесници од девет земји кои до 10 октомври ќе имаат можност да гледаат филмови, да дискутираат и да учествуваат на креативни работилници.
На вчерашната прес-конференција Дарко Башески, директор на фестивалот и Деа Крстевска-Тамборини посочија дека интересот за фестивалот е се’ поголем, но и дека треба да се поттикнат семејствата да ги отворат своите домови за дечињата кои доаѓаат на фестивалот од други земји.
„Како здружение, повремено организираме и други проекти. „Џифони патува“ веќе помина 25 општини, а за жал, годинава тој проект не беше поддржан. Имавме уште една активност што ја почнавме минатата година, „Џифони филмски денови“, со идеја да ги вратиме децата во киносалите, по паузата за време на пандемијата. Одржавме такви 10 настани. Сакам да напоменам дека сите активности што ги организира нашето здружение се комплетно бесплатни за сите млади. Сите се добредојдени да уживаат“, истакна Башески.
Годинава, освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од: Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција.
Инаку, петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција ќе бидат поместени во три категории, односно кадети (6 до 9 одделение), јуниори (I и II средно) и сениори (III и IV). Ќе се проследат и 35 краткометражни и анимирани филмови. Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите на со режисерката Дина Дума (кај сениорите), рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите).
Ќе бидат реализирани девет работилници – 3 за јуниори и 6 за кадети и сениори.
Програмата на фестивалот годинава е збогатен со нов сегмент наречен ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Станува збор за проектот за промоција на мирот преку креативност кај младите а поддржан е од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамките на програмата која има за цел да придонесе за стабилизацијата во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ. Во рамките на ЕПИК ќе бидат прикажани 17 краткометражни филмови што ќе се натпреваруваат за три награди. Ќе бидат организирани две панел дискусии на тема ЕПИК со претставници од филмски фестивали за деца од регионот.
Дел од програмата ќе бидат и две презентации на нови кратки филмови од млади автори од Македонија, „Метаморфозис“ ќе одржи презентација на тема медиумска писменост, а ќе се реализира и средба со основачите на брендот Filmthusiast. Во понеделник ќе биде прикажан и грчко-италијанскиот документарен филм „Учениците од Умберто Примо“.
Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови, а ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК.
Comments