top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Победникот на Карлови Вари „Страхиња Бановиќ“ ја отвора „Киненова“

Updated: Oct 21, 2021

20.10.2021 Oktomvri Sreda

Отворање на фестивалот, на 27 октомври, ќе се случи во киното „Милениум“ со актуелниот победник на филмскиот фестивал „Карлови Вари“, „As far as I can walk“ со оригинален наслов „Страхиња Бановиќ“ од српскиот режисер Стефан Арсенијевиќ. Приказната во филмот претставува преработка на српската епска народна песна односно традиционалниот средновековен еп во кој современите африкански мигранти го заземаат местото на српските национални херои

Шестото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, што ќе се одржи од 27 до 31 октомври, годинава ќе го врати класичниот формат на одржување во живо, во Кинотека, но сепак ќе ја продолжи ланската традиција, со емитување на дел од фестивалската содржина на ТВ 24.

Според директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ, оваа година и покрај намалената светска продукција на филмови и исклучително проблематичната дистрибуција, фестивалот ќе има доста концентрирана програма, која ќе им овозможи возбудлива авантура на гледачите, но тој ќе ја слави и македонската кинематографија и делото на македонските филмски уметници.

„Минатата година ние бевме единствен фестивал во земјата и во светот кој реализиравме телевизиско издание на фестивалот, со цел да ја продолжиме традицијата и да ја надминеме кризата. Но тоа не го направивме од позиција на загрижени или уплашени филмаџии, туку со уште посилна мотивација од претходно, одредувајќи си мисија да ја пласираме филмската уметност и бескомпромисно да ја доближиме до публиката. Тоа наше делување даде мултиплициран ефект и додадена вредност, така што фестивалската програма имаа можност да ја погледнат речиси 2 милиона гледачи. Немаме намера да се откажеме од овој начин на пласирање на фестивалот, знаејќи го влијанието кое минатата година ‘Киненова’ го имаше во јавноста“, истакна Јовановиќ.

Отворање на фестивалот, на 27 октомври, ќе се случи во киното „Милениум“ со актуелниот победник на филмскиот фестивал „Карлови Вари“, „As far as I can walk“ со оригинален наслов „Страхиња Бановиќ“ од српскиот режисер Стефан Арсенијевиќ. Приказната во филмот претставува преработка на српската епска народна песна односно традиционалниот средновековен еп во кој современите африкански мигранти го заземаат местото на српските национални херои.

Актуелна и безвременска во исто време, адаптацијата поставува прашања за идентитетот, традицијата, расата и љубовта. Според режисерот Арсенијевиќ мотивот за реализација на филмот е мигрантската криза и сликите што ги видел во текот на 2015 година, кога Балканот беше патот по кој илјадници мигранти и бегалци се обидоа да стигнат до Европската унија. „Додека мигрантската криза беше во полн ек, гледав илјадници луѓе како доаѓаат секој ден, сите ги среќаваме и имавме чувство дека нешто навистина големо се случува“, изјавил Арсенијевиќ, по освојувањето на наградата на престижниот филмски фестивал Карлови Вари во Чешка.

Годинешнава официјална селекција ќе брои осум наслови, меѓу кои два документарци, а освен филмот на отворањето, станува збор за остварувањата „Солченце Захаја“ на Стефан Красиќ, „The Last Bath“ од Дејвид Боневил „The other side of the river“ од Антонија Килијан, „Amateurs“ од Ивона Сикержинскa, „Pari“ од Симак Етемад, „Andromeda Galaxy“ од Море Рача и „Beggining“ од Деа Колумбегашвили.

Според програмскиот директор на фестивалот, Игор Анѓелков, „Киненова“ и оваа година им отстапува простор на осум моќни, нови гласови, чии филмови ќе се борат за престижните фестивалски награди, а документарните остварувања кои ќе се прикажат обработуваат исклучително интересни теми. „Се радувам што оваа година прикажувањето на официјалната селекција на филмови се враќа онаму каде што и е местото – на големиот екран во затемнетата кино сала. Единствено таму публиката може да ја доживее моќта на подвижните слики на дебитантите од различни кинематографии, кои во светот полн со илузии, ги создаваат можеби најсилните остварувања во седмата уметност во денешно време“, истакна тој.

Посочи дека „Киненова“ во официјалната програма ќе го има минатогодишниот победник на фестивалот во Сан Себастијан, и дека е благонаклонета кон помалите кинематографии, па има и филмски претставник од соседно Косово, кој е вистински прирачник за реализација на мал, но силен филм. „Полската и грчката кинематографија се во наш редовен фокус, додека португалскиот филм ќе ни приреди вистинско позитивно изненадување“, додаде Анѓелков. (Н.И.Т.)


2 views

Comments


bottom of page