top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

По цели десет месеци Струмичките актери се враќаат на сцена со премиерата „Бракот на Марија Браун“

Анкица Бенинова, која ја игра главната улога во претставата, вели дека до скоро се чувствувале како да не постојат додавајќи дека за еден уметник кој не креира е исто како да не постои. „Еве ние се бориме како феникс да се издигнеме и повторно да постоиме. Ја играм Марија Браун храбра жена која се труди да живее и да се движи брзо во новото време после војната. Буквално прави се да има заштита и стабилност за да стигне до целта“, вели Бенинова

По цели десет месеци откако ја прекинаа работата во знак на протест, незадоволни од изборот на директор за кој сметаа дека нема соодветно образование за нивната институција, драмскиот ансамбл на центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица најави премиера на нова претстава. Струмичките актери повторно се вратија на сцена со „Бракот на Марија Браун“.

Претставата која премиерно ќе се одржи вечер (9 декември) и која беше целосно распродадена, ќе може да се види и утревечер на малата сцена со почеток во 20 часот. Претставата „Бракот на Марија Браун“, работена по истоимениот филм на Рајнер Вернер Фасбиндер, е во режија на Драгана Таневска, сценографијата е на Борис Делчев, гостин од Бугарија, костимографијата е на Ванчо Василев, а музиката на Огнен Давитковски и Бојан Поповски.

Насловната улога и е доверена на Анкица Бенинова, улогата на мајката ја игра Ангелина Тренчева Ангеловска, додека улогата на Херман Браун е доверена на Горан Ников. Во други улоги настапуваат Коста Ангов , Јулија Милкова, Игор Тодоров , Танкица Стојанова. Свое деби на сцената на Струмичкиот театар ќе има и младиот актер Саше Урдовски.

„Бракот на Марија Браун“ е женска приказна за крајот на Втората светска војна и мирот што следува потоа. Човековата душа не секогаш е во склад со општеството и промените што тоа ги носи. Приказната е заснована на два контрапункта, војната како симбол на уништување и жената како симбол на создавање. Направивме прочит на филмот на култниот германски режисер Рајнер Вернер Фасбиндер, кој многу ретко се поставува на македонската театарска сцена“, вели режисерката Драгана Таневска.

Анкица Бенинова, која ја игра главната улога во претставата, вели дека до скоро се чувствувале како да не постојат, додавајќи дека за еден уметник кој не креира е исто како да не постои.

„Еве ние се бориме како феникс да се издигнеме и повторно да постоиме. Ја играм Марија Браун храбра жена која се труди да живее и да се движи брзо во новото време после војната. Буквално прави сè да има заштита и стабилност за да стигне до целта“, вели Бенинова.

Новиот в.д. директор на НУЦК „Антон Панов“ Струмица, Слободан Ѓошиќ, најавува и други претстави. „Во тек се и подготовките за новата премиера ‘Паника во Палас’ во режија на Коле Ангеловски, која публиката ќе има можност да ја види кон крајот на јануари, почетокот на февруари 2022 година. Во меѓувреме се работи и на враќање на стариот репертоар на театарот. Во секој случај театарскиот ансамбл се враќа на сцената“, вели Ѓошиќ.


8 views

Comments


bottom of page