top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

По три удари едноподруго – гол за паметење во Тузла

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (207) НИКОЛА СЕКУЛОВ (2)

Никола Секулов беше едно од оние среќни момчиња што по добрите игри во својот клуб, Беласица, кариерата ја продолжи во Вардар, кој беше предизвик за сите македонски фудбалери. Тој и самиот не веруваше дека ќе дојде денот кога ќе добие покана од прволигашот да се пресели во неговите редови. Но, ете, дојде и тој ден, па по кратките преговори, Секулов се најде во вардаровиот дрес.

– И самиот не верував дека ќе заиграм за клубот што беше магнет за сите нас, младите фудбалери. Јас и не знаев дека тренерите на Вардар ме следеле и токму во таа 1972 година, кога клубот требаше да се освежува, изборот падна на мене. Бев изненаден, но и задоволен. Не криев дека уште кога почнав да играм фудбал, моја цел беше да го облечам дресот на Вардар и да играм во Првата југословенска лига. Доаѓањето во Скопје беше како убав сон, но знаев оти ќе мора многу да се заложам и да дадам сѐ од себе ако сакам да заиграм за прволигашот. Конкуренцијата во Вардар отсекогаш беше силна и требаше да се вложи многу труд и напори за да се стигне во првиот тим. Не беше работата само да дојдеш во Вардар. Навистина и тоа импонираше, но многу побитно беше дали ќе се снајдеш и колку долго ќе останеш во клубот – се сеќава Нико.

БЕВ ТРПЕЛИВ И ЧЕКАВ

На сите што беа „новајлии“ во Вардар, особено на помладите фудбалери, кои дотогаш и немаа некоја кариера, туку само талент, им беше јасно дека доаѓањето во прволигашот не значеше оти веднаш ќе го облечат првотимскиот дрес.

– Јас бев свесен за тоа. Знаев дека само оние искусни новодојдени фудбалери, од кои зависеше кревањето на квалитетот на играта, нема долго да чекаат за да го облечат првотимскиот дрес. Таков беше случајот со Душан Шуица, кој веќе беше афирмиран кога дојде во Вардар и веднаш заигра. Во првата сезона дури стана и прв стрелец на тимот, со 12 гола. Јас трпеливо чекав и дури по 7-8 кола ми беше дадена шанса за заиграм. Дебитирав против Борац од Бања Лука. Се сеќавам на противничкиот голман Јантољак, кој ми изгледаше како џин на голот. Си помислував, каде ќе му дадеш гол на овој колос. Покрај тоа, тој беше искусен и цело време командуваше и ја распоредуваше својата одбрана. Дотогаш имав само слушано за него, ама кога го видов, да бидам искрен, се подуплашив. Беше вистинско „голманиште“ – продолжува Секулов.

Нико Секулов дури во следната година стана стандарден, одигра 20 натпревари, а постигна и четири гола.

– Се сеќавам дека со Ванчо Балевски во сезоната 1973/1974 го делев четвртото место, со четири постигнати гола. Шуица беше најефикасен со 12 гола, вардаровата легенда Мето Спасовски беше втор со осум, Боро Узунов трет со седум погодока. Првата југословенска лига беше нешто друго. Таа беше многу квалитетна и, за разлика од МФЛ, па и од Втората лига, тука многу тешко се постигнуваа голови. Затоа, со четирите погодоци бев задоволен и среќен, зашто чувствував дека и јас дадов придонес за релативно добриот пласман на Вардар на 11. место, во конкуренција на 18 екипи. Зад нас, меѓу другите, останаа Војводина и Сараево, екипи што беа „староседелци“ во прволигашкото друштво. Во оваа сезона и јас се уверив дека можам да дадам многу повеќе и веќе со погледите бев свртен кон новите предизвици што ме очекуваа – вели Секулов.

ГОЛ ЗА НЕЗАБОРАВ ВО ТУЗЛА

Од тие прволигашки настапи со Вардар, Нико посебно се сеќава на еден од двата гола постигнати против Слобода во Тузла.

– Тоа беше гол како на филм. Примив една топка од Балевски, кој беше асистент и на првиот гол што го постигнав за израмнување на 1-1, и веднаш биев. Но пречката му беше сојузник на голманот Мешковиќ. Таа се одби и повторно дојде до мене. Повторно шутирав, но овој пат Мешковиќ ја одби. Во меѓувреме во шеснаесетникот имаше вистинска мешаница, тука беа насобрани речиси сите играчи, и нашите и нивните. Тоа беше една ретко видена сцена, не се знаеше „кој јаде кој пие“. Топката во таа шума од фудбалери повторно доаѓа до мене. Тогаш, конечно, во тој трет обид, не знам ниту јас самиот како топката се провре меѓу толку играчи и заврши во мрежата. Да бидам искрен, во првиот момент и јас бев изненаден од овој трилинг-гол, па дури потоа скокнав од радост. Овој гол значеше наше водство со 2-1, што беше и конечен резултат – вели Секулов.

На овие моменти не се сеќава само Секулов туку и неговите соиграчи. И Диме Георгиев, кој има „прегрмено“ многу прволигашки средби, во еден разговор со него, раскажувајќи ми за својата кариера, го спомена токму овој гол на Секулов.

– Тоа беше ретко видена сцена, во која главен актер беше Секулов. Тој упорно се обидуваше и конечно во третиот обид успеа да го совлада Мешковиќ. Таа слика во шеснаесетникот никогаш нема да ја заборавам – се сеќава Георѓиев.

ВО ТЕТЕКС И – ВРАЌАЊЕ ВО СТАРОТО ЈАТО

Во годините кога беше во Вардар, Секулов искористи еден период да го отслужи и воениот рок. Претходно одигра една убава сезона во која ги демонстрира своите реализаторски способности и постигна шест гола. Потоа дојде покана да го засили Тетекс, кој потпомогнат од фабриката и градот негуваше прволигашки амбиции.

– Јас по Вардар заминав во Тетово, каде што веќе беше создадена една силна екипа со квалитетни поединци. Тука, меѓу другите, беа: Беквалац, Морача, Будисављевиќ, Матиќ, Блажевски, Јаковљевиќ, Кечан, Заковски и тројца струмичани, Стево Грнчаров, голманот Благоја Георгиев и јас. По имињата може да се претпостави дека ФК Тетекс претставуваше Југославија во мало. Голем број од играчите живеевме во Скопје и секој ден одевме на тренинг во Тетово. Сериозно трениравме, по што дојде и резултатот. Во 1978 година го освоивме првото место во Втората лига и веќе го прославувавме влегувањето во елитното друштво, кога од ФСЈ од Белград стигна изненадувачка и разочарувачка вест оти ни е одземено правото да играме во Првата лига, зашто наводно на некој натпревар за нас настапил играч што имал повеќе жолти картони. Тоа нѐ изненади сите, зашто спорниот картон не беше добиен на официјален, туку на ревијален натпревар од зимскиот куп на весникот „Вечер“, кој воопшто не беше вклучен во системот на натпревари на ФСЈ – вели Нико Секулов.

Инаку, во решавачкиот натпревар за првото место во Втората лига исток, против Бокељ, Нико Секулов беше стрелец на израмнувачкиот гол за 1-1. Со освоениот бод Тетекс беше прв.

– Но радоста кај нас играчите и навивачите што беа дојдени со неколку автобуси да го следат натпреварот кратко траеше. Веста од Белград нѐ пресече сите – вели тој.

По три сезони, Тетекс сепак стана прволигаш, но во тимот не беше Секулов, кој по онаа разочарувачка одлука на ФСЈ, по барање на легендарниот Благој Истатов се врати во Беласица.

– Целта беше Струмица да создаде екипа што ќе биде прва во МФЛ и ќе се пласира во Втората лига. По две години успеавме во тоа и станавме второлигаши. Беласица во тој период беше многу силна, тука, покрај другите, беа Георгиев, Аљоков, Рингов, С. Грнчаров. Јас поради лекарска грешка имав неуспешна операција на коленото и морав предвреме да се збогувам од фудбалот – вели на крајот струмичкиот голгетер Нико Секулов.

Но спортската лоза на Секулови продолжува преку Митко (голман во школата на Јувентус) и Никола (синови на внукот Тодорче, кој, исто така, беше фудбалер), а женскиот дел од семејството преку внуката е вклучен во одбојката.


1 view

Comments


bottom of page