По Спалети, си оди и трансфер мозокот на Наполи: Јувентус ќе мора да плати обесштетување
Наполи го освои Скудетото во Италија по пауза од 33 години и го израдува цел град, но во ситуација кога актуелната сезона се уште не е завршена, клубот го погодуваат неколку потреси кои и тоа како ќе влијаат врз иднината на тимот.
Лучијано Спалети меѓу редови потврди дека си оди од Наполи по крајот на сезоната откако не наишол на заеднички јазик со Аурелио Де Лаурентис, но првиот човек на наполитанците ќе остане и без својот трансфер мозок кој беше клучен за градење на овој шампионски тим.
Кристијано Џунтоли е навистина ценет во фудбалска Италија и изминативе години во Наполи донесе низа имиња како Елиф Елмас, Виктор Осимен, Квича Кварацхелија и Ким Мин Јае, но по големиот успех и освоениот трофеј, и тој решава да направи исчекор и да побара друг предизвик.
Како што јавува угледната „Газета“, Џунтоли ги договорил сите детали со Јувентус и се согласил да потпише петгодишен договор, според кој ќе заработува по 1,5 милион евра по сезона.
Според изворите, Џунтоли е цврсто решен да си оди и за тоа веќе го известил претседателот Де Лаурентис, кој пак сега ќе бара обесштетување од Јувентус поради тоа што директорот имаше уште една година од важечкиот договор со Наполи.
Comments