top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

По Сараево, „Тело“ на Селишкар имаше и македонска премиера

Главната протагонистка во филмот „Тело“, Уршка, веќе неколку денови со своето семејство престојува во Скопје, а по проекцијата на филмот пред публиката на „Македокс“ беше кратка, јасна и прецизна. – Првпат кога го гледав филмот имав чувство како да сум во шок-состојба, вториот пат на премиерата во Сараево го слушав само мојот глас, додека на проекцијата на филмот на „Македокс“ едноставно уживав – рече таа

Македонската премиера на креативниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката и сценарист Петра Селишкар, вчера беше дочекана со видна возбуда во рамки на 14. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“. Факт што зборува во тој прилог беше присуството на главната протагонистка Уршка и голем дел од филмската екипа заедно со пријатели и соработници од повеќе држави. Импресиите сè уште се свежи и од светската премиера на „Тело“ што се одржа на 14 август на филмскиот фестивал во Сараево. Тие беа дополнети со нови емоции во магичниот амбиент на Куршумли-ан во Скопје.

Главната протагонистка во филмот, Уршка, веќе неколку денови со своето семејство престојува во Скопје, а по проекцијата на филмот пред публиката на „Македокс“ беше кратка, јасна и прецизна.

– Првпат кога го гледав филмот имав чувство како да сум во шок-состојба, вториот пат на премиерата во Сараево го слушав само мојот глас, додека на проекцијата на филмот на „Македокс“ едноставно уживав – рече Уршка.

Режисерката и сценаристка Петра Селишкар ја искористи можноста пред македонската публика да им заблагодари на сите учесници во процесот на снимањето, монтажата и постпродукцијата на филмот коишто со својот ангажман втиснаа дел од своите тела во „Тело“.

„Тело“

Филмот „Тело“ е копродукција помеѓу Словенија, Хрватска и Македонија со поддршка од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, македонската Агенција за филм, „Еуримаж“, Програмата Медиа на „Креативна Европа“, Pегионот Прованса-Алпи-Азурен Брег.

Истата вечер на „Македокс“ се одржа проекција и на документарниот филм „Спроти ветрот“ на индиската режисерка Сарвник Каур. Во реализацијата на филмот учествуваше и македонска екипа претставена од монтажерите Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, додека композитор на музиката е Игор Василев Новоградска. Приказната во филмот ги прикажува спротивностите помеѓу традиционалниот и модерниот начин на ловење риба во Индија и низ конфликтот на двајца рибари се прикажува современото индиско општество. На проекцијата на филмот беа присутни монтажерот Благоја Неделковски и композиторот Игор Василев Новоградска.

Од програмата каде што има учество на македонски автори се издвојува и краткиот филм „Починка“ (Германија, Македонија / 2022 / 30’) на Анабела Ангеловска. Филмот зборува за илјадници млади луѓе од Македонија кои беа регрутирани да работат во кујните и пералниците на американските воени бази во Авганистан и Ирак. Многумина од нив се вратија дома со повлекувањето на последните војници од Авганистан во 2021, а со себе понесоа не само бргу заработени пари кои ги вложија во недвижнини, туку и белези од трауматичните спомени.

Инаку, на „Македокс“ се одржа и мастерклас со режисерката Мила Турајлиќ и проекцијата на нејзиниот филмски диптих „Досие: Лабудовиќ“, во чии рамки беа прикажани документарните филмови „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“. Главен протагонист во филмовите е Стеван Лабудовиќ, кој своевремено работел во „Филмски новости“ и бил личниот снимател на патувањата на Јосип Броз Тито.

Мастеркласот со Турајлиќ го водеше францускиот продуцент Виктор Еде.

Имајќи предвид дека првиот филм на Турајлиќ „Синема комунисто“ (2010) беше посветен на кинематографијата во поранешна Југославија, беше поставено прашање дали нејзина цел е правење филмови за државата што веќе не постои. Турајлиќ одговори дека со двата нови филмови сакала да го забележи моментот кога во нејзиниот роден град Белград се случил големиот настан на основањето на Движењето на неврзаните во 1961 година, кое тогаш се појавило како отпор во Студената војна помеѓу Истокот и Западот, а целта на филмовите е да потсети дека некогаш имало идеја за Третиот свет.

Во филмот „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ се опфатени пет клучни точки од основањето на Движењето на неврзаните, додека во вториот филм „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ приказната се одвива на територијата на Алжир за време на ослободителната борба против колонијализмот.

– Во сите овие 15 години се обидувам да ги слушнам шепотењата од светот и да ги забележам во моите филмови – заклучи режисерката Мила Турајлиќ.

Во текот на проекцијата на филмскиот диптих, во паузата помеѓу двата филма, Турајлиќ одговараше и на прашањата на публиката, која го исполни Куршумли-ан до последното место, а втората проекција ја посвети на Милтон Манаки, бидејќи во архивот на „Филмски новости“ додека ги правела своите филмови пронашла фотографија од посетата на Јосип Броз Тито во Битола во 1957 година, а на фотографијата се Тито, нејзиниот протагонист Стеван Лабудовиќ и основоположникот на македонската кинематографија Милтон Манаки.






1 view

Comments


bottom of page