По повод големиот јубилеј на Бигорскиот манастир премиерно прикажан документарецот „1.000 години – С
Updated: Apr 19, 2022
18.04.2022 April Ponedelnik
По повод големиот јубилеј на Бигорскиот манастир премиерно прикажан документарецот „1.000 години – Сведок на светлината“Во Македонскиот народен театар, викендов, беше премиерно прикажан документарецот „1.000 години – Сведок на светлината“ посветен на Бигорскиот манастир, кој говори за духовниот монашки континуитет низ вековите, во режија на Илија Ико Каров. На премиерата, покрај монашката заедница од Бигорски манастир, предводена од отец Партениј, присуствуваше поглаварот на Македонската православна црква Охридска архиепископија г.г. Стефан, претседателот Стево Пендаровски, министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за финансии Фатмир Бесими, за одбрана Славјанка Петровска, и за правда Никола Тупанчевски, како и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Премиера на документарниот филм ‘1.000 години Сведок на Светлината’, посветен на еден од најубавите и најзначајните македонски манастири ’Св. Јован Бигорски’. Гордоста на македонскиот народ и македонската Црква, симболот на непокор, кој одбележа 1000 години од своето постоење“, напиша претседателот Пендаровски на својата фејсбук-страница.
Министерот Спасовски, пак, напиша дека документарниот филм претставува сведоштво за живоста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. „Во 2020 година, Бигорската обител го одбележа своето илјадалетие од основањето во 1020 година, а документарецот ‘1.000 години – Сведок на светлината’ е вистинско заокружување на ова чествување, како јасен и опсежен приказ на монашкиот континуитет низ вековите, на аскетскиот живот на монасите од Бигорски манастир исполнет со молитва, со Божјата реч во слободата Христова, кој за световниот човек отсекогаш претставувал едно посебно, дури и мистично дејство на Божјата благодат. Бигорскиот манастир сам за себе е приказна за едно светилиште кое зрачи со својата убавина, а љубовта којашто живее, енергијата којашто извира од Братството, всушност, претставува исконски и градбен елемент на Бигорската вера, која дотолку повеќе ја дополнува грандиозноста на манастирот“.
Според режисерот Каров овој филм говори за љубовта, постоењето, заборавените вредности, духовната преобразба и е морално патување нагоре кон вечноста.
Етнологот Владимир Деловски, кој е рецензент на филмот, посочи дека филмот отвора перспектива на оригиналност, автентичност, непосредност и доживеаност. Филмот кој е на „Кат продукција“ е сниман речиси пет години.
Comments