top of page

По Пепи Бафтировски, сега и Игор Џамбазов со патриотската „Заветна“, но во блуз-манир – Несудената м

По Пепи Бафтировски, сега и Игор Џамбазов со патриотската „Заветна“, но во блуз-манир – Несудената македонска химна има нова верзија Идејата за блуз-верзијата е на познатиот Игор Атанасоски-Харе, а во целата приказна им се придружува популарната Тамара Тодевска, како придружен вокал. Испеана од легендарниот Бафтировски, песната во меѓувреме стана голем хит. Насекаде се пее, и дома и во дијаспората. Не само во својот оригинал туку почнаа и да ја „препејуваат“ многу други македонски пејачи

„Негде ќе те премолчат, негде ќе те сокријат, гроб со гроба ќе покријат. Само ти си бесмртна, жива вода подземна. Кај што тонеш, ти извираш. Векови, пеколни, заедно ќе минеме, древна земјо македонска, така е пишано ништо да не бидеме, ти без мене, јас без тебе…“

Вака за прв пат, пред 32 години, оваа неформална и несудена македонска химна насловена „Заветна“ ја испеа легендарниот македонски фолк-пејач, златното грло Пепи Бафтировски. Овој пејач се исели од Македонија и подоцна, за жал, се разболе и почина во Америка.

Потоа песната многу, многу не се вртеше по радијата и телевизиите, но со оглед на многуте неубави нешта што им се случуваа(т) на Македонија и на Македонците, последниве неколку години таа воскреснува како феникс. И станува голем омилен хит кај сите генерации, и овде, дома, и во дијаспората. Насекаде се пее. Не само во својот оригинал туку почнаа да ја „препејуваат“ и други пејачи. Една од најдобрите верзии беше онаа од дуетот Андријана Јаневска-Игор Дурловски во 2019 година. Некоја година потоа песната фантастично до публиката, заедно со видеоспот, ја донесе поп-пејачката Бојана Скендеровски.

Деновиве, македонската публика доби уште една верзија на „Заветна“, овој пат во изведба на шоуменот Игор Џамбазов. Инаку, идејата е на познатиот Игор Атанасоски-Харе, а во целата приказна им се придружува популарната Тамара Тодевска, како придружен вокал.

Песната е снимена во текот на септември, во студиото „Тралала“ на Мите Димовски. Оваа верзија со Џамбазов е во блуз-манир и звучи необично, ама, сепак, хитовски. Аранжманот за блуз-верзијата е дело на Гуру Харе, а во снимањето учествуваа членовите на „Гуру Харе бенд“: Игор Атанасоски-Харе на гитара, Златко Михајловски-Бумбар на тапани, Трајко Симоновски-Таци на бас и Филип Димишковски на клавијатури.

Би рекле дека на Игор Џамбазов некако непланирано му се посреќи со „препејувањето“ на мегамакедонските хитови. По онаа „Жаклина“, со која прекуноќ ја освои публиката, така и сега со оваа „Заветна“, но уште повпечатливо.





 
 
 

Commenti


bottom of page