По обилните дождови Македонскиот народен театар повторно поплавен
Објектот на Македонскиот народен театар по секој пороен дожд е поплавен, што се случи и деновиве. При последните врнежи, водата навлезе во Театарот во повеќе простории, а овој проблем, кој трае со години, никако трајно да се реши.
– Во Македонскиот народен театар е формирана комисија која ја проценува штетата предизвикана од поројниот дожд што го зафати Скопје пред неколку дена. Се прави записник, се евидентираат оштетените предмети и техника и се документира фактичката состојба – вели директорката на Македонскиот народен театар, Симона Угриновска.
Во меѓувреме, по интервенција на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, екипи на Армијата, преку Министерството за одбрана, се два дена на терен и ја испумпуваат водата од објектот.
Оттаму велат дека водата е навлезена во повеќе пунктови во објектот, при што се зафатени машинската соба, малата сцена, долниот погон на големата сцена, фундусите за сценографија и за костими. Струјата во објектот е исклучена од безбедносни причини.
По санирањето на штетите и по конечната пресметка за техничката и за финансиската состојба, МНТ ќе ја информира јавноста за натамошното постапување за нормализирање на процесот на работа во новата сезона.
Comments