top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

По изложбата во „Кунстхале“, Виена: Уникатната колекција на солидарноста на МСУ од Скопје – во Прага

13.03.2024 Mart Sreda

Поставката за солидарно Скопје со дела што му ги подарија светски познатите уметници на МСУ, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, за девет месеци во „Кунстхале“ ја видоа повеќе од 75 000 илјади посетители, а само на отворањето – преку 1 000. Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои повеќе од 5 300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Истиот концепт ќе биде пренесен во чешката Национална галерија и ќе бидат додадени уште 54 дела од колекцијата на МСУ во рамките на изложбата што ќе биде отворена на 21 март

По претставување во престижниот простор „Кунстхале Виена“, патувачката изложба „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје” (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection) на 21 март ќе биде отворена во Националната галерија Прага. Од колекцијата на МСУ, за Прага отпатуваа дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шеила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Гетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени, Зао Ву Ки, Ана Ева Бергман, Ханс Хартунг, Емил Фила, Франтишек Музика, Честимир Кафка, Јиржи Штирски, Јозеф Јанкович, Јан Зрзави, Орсолиа Дроздик и многу други.

„Изложбата со дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје не само што обезбедува синергија на новосоздадени дела на осуммина уметници со дела од колекцијата туку ги истражува и начините на кои може одредени дела од збирката да прикажуваат нови идеи, значења и адресирање на актуелните општествени и уметнички предизвици. Поаѓајќи од овие размислувања, треба да се согледа дека колекцијата на МСУ е од големо значење за изложбите што имаат цел да ги обноват претставите за солидарноста, како и да ја инспирираат нашата

имагинација за тоа што би можело да се направи денес“, вели Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ – Скопје.

Кураторскиот тим „What, How & for Whom“, кој го креираше концептот на поставката, го сочинуваат: Сабина Саболовиќ (директорка на „Кунстхале Виена“), Наташа Илиќ и Ивет Ќурлин.

Вака конципирана, изложбата за првпат беше отворена во април минатата

Година, во „Кунстхале Виена“ (Kunsthalle Wien Museumsquartier), кој е дел од „Музеум Квартиер“, еден од најголемите европски културни центри. Поставката за солидарно Скопје со дела што му ги подарија светски познатите уметници на МСУ, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, за девет месеци во „Кунстхале“ ја видоа повеќе од 75 000 илјади посетители, а само на отворањето – преку 1 000. Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои повеќе од 5 300 дела, во Виена беа изложени 94 дела и 50 дела од современи уметници, вклучени во овој проект. Истиот концепт ќе биде пренесен во чешката Национална галерија и ќе бидат додадени уште 54 дела од колекцијата на МСУ.

Кураторките поканија четворица меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата беше да се види како ја доживуваат уметниците денес оваа збирка, настаната преку светската солидарност. На уметниците Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски (Скопје), Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул), за поставката во Прага се приклучуваат и уметниците Џеспер Алваер и Изабела Гросеова (Прага),

кои, исто така, направија избор на дела од колекцијата на МСУ што ќе бидат поставени во корелација со нивните авторски дела.

Покрај нив, беше поканета и светски познатата фотографка Елфи Семотан (Виена), која направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ.

Дополнително, писателката Барби Марковиќ (Виена), позната по остриот спој на фикцијата и социјалната реалност, напиша патопис за своето искуство од соочувањето со сложената и слоевита историја на Скопје.

Изложбата во Прага ќе биде отворена до 29 септември оваа година. Таа е еден од најкомплексните патувачки проекти на МСУ – Скопје во изминативе 40 години и е дел од одбележувањето на јубилејот 60 години од основањето на Музејот на современата уметност – Скопје.

Инаку, кураторките тесно ги поврзуваат концептот и насловот на изложбата со тоа како се градеше уметничката колекција на МСУ. По катастрофалниот земјотрес во 1963, во Скопје, покрај големата материјална штета и многуте човечки жртви, Обединетите нации и Меѓународната асоцијација на уметници сметаа дека и културата е клучна алка во подигнувањето на духот на скопјани. Затоа, иницираа повик до светски познатите уметници да донираат дела. Бројните донации на уметнички дела направија МСУ да стане симбол на солидарноста, која денес е трајна вредност во колективната меморија на македонската јавност.

За наслов на изложбата, според кураторскиот тим, е земен стих од австрискиот поет Рајнер Марија Рилке: „Ниту едно чувство не е конечно“, кој ја нагласува динамиката на емоциите и нивната врска со времето и контекстот и влева надеж дека поимот „солидарност“ може да се обнови и да се зајакне, дури и по подолго време. (Д.Т.)


2 views

Comments


bottom of page