По двете септемвриски ремија следува реваншот со Романија
Македонската фудбалска репрезентација по ремито 2-2 со Исланд на гости, во кое водеше со 2-0, утре го игра и третиот меч од септемврискиот дел од квалификациите за пласман на Светското првенство в година во Катар, со Романија, во Скопје. Во минатата недела Македонија двапати одигра нерешено (во првиот меч со Ерменија, 0-0, дома) и сега со осум бода по пет кола е на четвртото место во групата Ј, во која води Германија со 12 бода, а потоа се Ерменија со 10 и Романија со девет. На петтото место е Исланд со четири бода, а шести е Лихтенштајн без бодови. Дуелот со Романија ќе биде вкупно седми меѓусебен, трет во Скопје (во првите два Романија победи со 3-0 во 1996 година и со 2-1 во 2005 година). Македонија и Романија досега одиграа пет официјални средби, сите во квалификациите за СП, и една пријателска, на неутрален терен, во која победи Македонија со 1-0, во 2010 година. Во првиот меч од овој циклус, во март годинава, Романија во Букурешт победи со 3-2, во кој домаќините водеа со 2-0, Македонија израмни (82. и 83. минута), но Романија во 86. минута го постигна и третиот гол.
Победа на утрешниот меч за Македонија ќе значи пласман најмалку на третото место пред продолжувањето на квалификациите во октомври. На СП 2022 ќе се пласираат победниците на десетте квалификациски групи, како и три селекции од баражот. Во доигрувањето ќе настапат вкупно 12 репрезентации, и тоа десетте второпласирани во групите од квалификациите и уште две селекции што победиле во некоја од групите во Лигата на нациите, но кои не се пласирале на СП 2022 или не обезбедиле место во баражот низ редовните квалификации. По половина од квалификациите, селекции во водство со повеќе бодови предност се Белгија (шест бода предност пред второпласираната селекција), Данска и Англија (по пет бода предност). Тоа се и три меѓу најефикасните репрезентации досега во квалификациите за СП 2022 (Белгија – 20, Англија и Данска по 17 гола). Селекции со најмалку примени голови во овој циклус се Данска (ниту еден), Англија, Хрватска, Италија, Швајцарија, Шведска (по еден), Германија (два)…
Comments