По 40 години концерт на Влатко Стефановски во МКЦ
По 40 години, Влатко Стефановски, заедно со своето трио и неколку гости, на 8 април, со почеток во 20 часот ќе одржи концерт во просториите на Младински културен центар (МКЦ), а по повод 50 години од основањето на овој културен центар.
Последниот настан на Стефановски во МКЦ беше во 1982 година, заедно со групата „Леб и сол“, а во последниве 40 години немал ниту еден свој концерт во оваа установа.
„Среќен сум што ќе бидам дел од прославата на значаен јубилеј и што повторно ќе одржам концерт во МКЦ. Музицирањето пред домашната публика е секогаш предизвик, но кога по 40 години се враќате на местото каде што ви биле почетоците, тогаш навистина возбудата е голема“, изјави Влатко Стефановски во пресрет на овој концерт.
„Влатко Стефановски трио“ го сочинуваат и Јан Стефановски на тапани и Иван Кукиќ на бас-гитара, трио кое последниве години е доста активно и настапува речиси низ целиот свет. Спојот на искуството и младоста во ова трио се чини дека беше пресудно за одлична синергија и за огромен успех на сите настапи.
Инаку, неодамна „Кроација рекордс“ направи пресек на соло-кариерата на Влатко Стефановски и ја склопи во албум со најголемите хитови. Од „Каубои и Индијанци“ од истоимениот албум од 1994 до „Фанки џанки“ и „Огледало“ од неговото последно студиско издание „Тафталиџе шафл“, компилацијата содржи 17 песни.
Comments