По 28 години, во Англија се вратија трибините за стоење
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Владата се согласи на пилот-проектот во кој се вклучени пет клуба, Кардиф, Челси, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем, кои ќе имаат лиценцирани, одредени места за „безбедно стоење“, за домашната и за гостинската публика
На мечот синоќа Челси – Ливерпул првпат по пауза од 28 години гледачите легално можеа да стојат на трибините на натпревар од англиската фудбалска Премиер-лига, на стадионот „Стамфорд бриџ“ во Лондон, во рамките на проектот за „безбедно стоење“. На одредени делови на стадионот публиката можеше да стои на простор што е со иста големина како и седиштето.
Стоењето на трибините на мечевите во двете најдобри лиги на Англија беше забрането во 1994 година, како резултат на препораките што следуваа по трагедијата на стадионот „Хилсборо“ во Шефилд 1989 година, каде што загинаа 97 навивачи на Ливерпул.
Навивачите подоцна поведоа неколку кампањи за модели на „безбедно стоење“, што подолго време се спроведува во германската Бундес-лига, со кои на навивачите им се овозможува да избираат помеѓу седење или стоење, на контролиран начин. Во реалноста, голем број гледачи подолго време стојат на трибините за време на натпреварите во Премиер-лигата на наводните места за седење. Со „безбедното стоење“ треба да им се обезбеди непречен поглед на оние што сакаат да седат или не можат да стојат.
Владата се согласи на пилот-проектот во кој се вклучени пет клуба, Кардиф, Челси, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем, кои ќе имаат лиценцирани, одредени места за „безбедно стоење“, за домашните и за гостинските гледачи. Клубовите мора да се придржуваат до одредени услови, вклучувајќи и засилен видеонадзор, подобрена обука на стјуардите и лиценцирани безбедни места за стоење, кои се ограничени на „едно лице, еден простор“. Огради се поставени зад и пред секој поединец.
– Ова е огромен чекор напред. Одлично е да се види дека на луѓето сега им се нуди избор дали да седат или да стојат на фудбалските натпревари. Ќе се чувствувам посигурен имајќи ја таа безбедносна ограда пред мене таму. Мислам дека тоа ќе направи разлика во довербата на гледачите на трибините за нивната безбедност – изјави Кевин Мајлс, извршен директор на Здружението на фудбалски навивачи.
Comments