По 24 пат: Фестивалот на монодрама во Битола со 13 претстави од 11 земји
Битола, годинава по 24 пат, ќе биде домаќин на фестивалот кој ја слави монодрамата, а од 12 мај на сцените на Центарот за култура во Битола и битолскиот Народен театар, под мотото „Да се биде“, ќе се изведат вкупно 13 монодрами и две вон програмата, од кои три се од Македонија.
Најавени се блескави изведби на актери од 11 земји, со монодрами кои имаат исклучително комплицирана задача, преку само еден актер на сцена да го прикажат комплексниот театарски приказ. Ова е еден од најзначајните фестивали кои ги има Битола, а неговиот меѓународен карактер ветува дека скоро четврт век има за цел да го слави моноспектаклот на театарските таленти од целиот свет.
Директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска Илијевски, ја истакна континуираната посветеност на оваа национална установа за презентација на најдоброто во оваа театарска форма.
„Носиме импресивна низа на нови, но и етаблирани актери од многу земји: Естонија, Монголија, Италија, Шпанија, Црна Гора, Косово, Израел, Србија, Хрватска, Литванија и се разбира наши домашни македонски актери. Ова е и единствениот фестивал на монодрама во нашата земја, а и еден од ретките на Балканот“, истакна таа.
Според директорот на Фестивалот, Петар Мирчевски подвиг е да се организира еден ваков фестивал кој трае девет дена, седум во конкуренција и два вон конкуренција, да се повикаат и да дојдат актери од 11 земји.
Покрај возбудливите изведби, публиката на фестивалот ја очекуваат и работилници за пантомима, како и богата офф-програма која ќе го направи градот жив надвор од театарските сцени, нешто по што е позната оваа установа од култура кога станува збор за настаните кои ги организира. Новина од годинава е и конкурсот за македонски монодрами кој ќе се распише за време на одржувањето на фестивалот.
Фестивалот ќе биде затворен на 20 мај, со доделувањето на наградите и со претставата „Нема струја за електричниот стол“ на Театар „Јордан Х. К. Џинот – Велес, во режија на Дејан Пројковски.
Comments