top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Плејофот меѓу конфедерациите со по еден меч, на неутрален терен

ФУДБАЛ – ФИФА

Светската фудбалска федерација (ФИФА) го смени квалификацискиот формат за плејоф-натпреварите меѓу конфедерациите, за пласман на Светското првенство (СП) во Катар следната година. Решено е да се игра по еден натпревар на неутрален терен, а победниците ќе ги добијат двете последни места на СП 2022. Причината за ова, според ФИФА, се „проблемите предизвикани од пандемијата на ковид-19“ при закажувањето на натпреварите за јуни, два месеца подоцна од распоредот направен пред пандемијата. Со играњето по еден меч се избегнува репрезентациите да минуваат неколку временски зони кога се игра двомеч. Уште не се одредени домаќините на двата натпревара што ќе се играат на 13 и на 14 јуни. Во плејофот ќе учествуваат по една селекција од Азија, Јужна Америка, Океанија и од Северна Америка. Ждрепката ќе биде влечена в петок. До крајот на март треба да бидат познати три селекции што треба да настапат во плејофот. Од Азија тоа треба да се реши на регионалниот бараж, неколку дена пред интерконтиненталниот плејоф. ФИФА најави дека ждрепката за СП 2022 во Катар ќе биде влечена на 1 април во Доха. Дотогаш ќе бидат познати 30 од 32-те репрезентации што ќе настапат на Мундијалот, кој треба да почне на 21 ноември и да заврши на 18 декември.


2 views

Comments


bottom of page