top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Пијан Славеј со дебитантско дискографско издание

Во пресрет на 21. „Оф-фест“, кој ќе се одржи од 1 до 4 јуни, „Скопскиот џез-фестивал“ организира промоција на новото издание на „СЏФ рекордс“, првата дискографска објава на Пијан Славеј (Бранислав Николов).

– Изворната идеја на овој проект беше да се презентира поконкретна музика со поетски сензибилитет на една нова македонска шансона. А потоа, тоа стана импулс за послободна и поширока групна интерпретација, градба и наслојување. Сега сè повеќе доаѓа до израз развивањето на инструменталното ткиво врз зборовната коскеност. Од нежен ламент до крик – чувството на изолираност и загуба како нов духовен пејзаж, но и потребата од вистинскиот уметнички допир и преживување, се суштинскиот драјв на оваа музичка експресија, која постојано се трансформира во потрага по сопствен природен глас – велат од „СЏФ рекордс“.

Деби-изданието на Пијан Славеј се состои од пет композиции, во вкупно времетраење од 18 минути. Автор на текстовите и музичката скица е тој, а аранжманите и музиката во поширок контекст се дело на групата: Пеце Трајковски-Брада – дигитална хармоника, гитара, програминг, Андреа Мирческа – контрабас, Мартин Џорлев – клавијатури, Мартина Баракоска – тапани, а Николов свири на мини-електрично пијано.

На албумот гостуваат: Сара Мејс (харфа), Петар Христов (кларинет) и Никола Ристановски (глас). Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски, во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на обвивката е дело на Александар Поповски. Покрај физичкото издание на компактен диск, „Pijan Slavej EP“ ќе биде достапно и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг-сервиси.


3 views

Comments


bottom of page