ПичПрич на тема „Бев сама“ во кино „Фросина“
Во киното „Фросина“ при МКЦ, на 6 април, со почеток од 20 часот ќе се одржи ново издание на ПичПрич во рамки на Фестивалот за промоција на феминистичка култура и акција „Прво па женско“. На овогодинешниот ПичПрич, своите искуства на тема „Бев сама“ ќе ги споделат: Силвија Митевска, Сара Климоска, Ана Гојлешка, Арбнора Мемети, Дафина Николовска и Ида Протугер.
„Како и секоја година, ПичПрич се обидува да отвори простор за актуелните теми поврзани со положбата на жените во нашата земја и поширокиот регион, особено со оглед на неодамнешниот наплив на вести за кривични дела извршени врз жени во моменти кога поради сплет на околности се нашле сами со сторителот. Токму затоа темата што ја избравме е ‘Бев сама’ за да се нагласи изложеноста на насилство, погрешното лоцирање на вината и честото непостапување. Освен тоа, модерната психологија тврди дека токму напуштеноста е оној сублиминален простор во кој се јавува траумата“, посочува организаторот.
Како што додаваат оттаму, пошироко гледано темата претставува и коментар на недостатокот на системска поддршка со кој се соочуваат жените во исполнувањето на многубројните улоги во општеството – од најтрадиционалните (работа во домот, одгледување на деца и негување на стари лица, лица со попреченост), па сѐ до оние кои се сметаат за нетипични (раководни и политички функции, спорт итн.).
Концептот и авторство се на Ана Василева и Румена Бужаровска, настанот е во продукција на „Тиииит! Инк.“, а е реализиран со поддршка од Шведска и фондацијата Kvinna till Kvinna. По настанот следи диџеј сет на Diah.
Kommentare