„Писмо до внуката“ од Горан Стефановски како сликовница
25.04.2024 April Cetvrtok
„Писмо до внуката“, најпрочуеното писмо од Горан Стефановски, доби форма на сликовница во издание на „Три“.
– Од душата на еден дедо, истовремено и човек што го промени современиот тек на македонската книжевност, со цел секој да навлезе во суштината на постоењето, да ги одгатне неговите тајни и убавините на нашата земја – информираат од „Три“.
Илустрациите се на Љупка Стојкова, која заедно со целата редакција, внимателно го подготвуваше страница по страница овој емотивен исказ на авторот.
– Сè што е создадено од раката на Горан Стефановски носи своја животна и книжевна вредност. Овој интимен дел од дневникот на Стефановски е наменет за секоја возрасна група. Од најмалите на кои им посакува добредојде, до најголемите, кои ја сфаќаат и заднината на секоја реченица што дедото им ги остава во наследство на својата внука и на идните генерации – истакнува издавачот.
Делата на Горан Стефановски, „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Бушава азбука“, „Демонот од Дебар Маало“, „Конзервирани импресии“ и сите други драми, раскази и есеи, се учебници за идните писатели и со својата безвременост сè уште се и ќе бидат најчитаните книги од домашните автори. Нештата на кои нè учат, јазикот и зборовите се потврда за нашиот идентитет и патоказ за целата домашна литература.
Comments