top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Пејзажите на Прилеп непресушна инспирација за сликарите и скулпторите на „Дрен 2021“

23.07.2021 Juli Petok

„Колониите се непресушна потреба од инспирација, од нови моменти, нови искуства. Потребна ни е нова приказна. По сето она што ни се случуваше со пандемијата, ова дружење ни дојде како ново освежување… Околината на Прилеп, пределот на Прилеп ми е секогаш инспирација…“, вели за весникот ВЕЧЕР, уметницата Буба М. Солак, учесничка на 13. Ликовна колонија „Дрен 2021“ која се реализираше оваа недела во Прилеп

„На уметниците секогаш им е потребно многу патување, многу дружење. Колониите се непресушна потреба од инспирација, од нови моменти, нови искуства. На колониите има секогаш нови познанства, инспирација повеќе. Потребна ни е нова приказна. По сето она што ни се случуваше со пандемијата ова дружење ни дојде како ново освежување. Се твори, ама најважно е дружењето. Уметниците се спонтани, оригинални и нормално е на сите тие средби да се случуваат нови искуства, тоа секогаш е она доброто. Околината на Прилеп, пределот на Прилеп ми е секогаш инспирација. Првично се мислев да ја насликам чаршијата, бидејќи ја сакам, но овој пат се одлучив да го пренесам на платното прилепскиот предел“, вели за весникот ВЕЧЕР уметницата Буба М. Солак, учесничка на 13. ликовна колонија „Дрен 2021“ што се реализираше оваа недела во Прилеп во организација на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

На овогодишното издание на колонијата, кое завршува на 23 јули, твореа 11 уметници, и тоа сликарите Мирослав Живковиќ и Снежана Малетин од Србија, како и Мирјана Крстева-Масети, Александра Петкова-Џианели, Буба М. Солак, Драган Најденовски, Новица Трајковски, Владимир Темков, Тони Чатлески, Стефан Малбашиќ и скулпторите Слободан Милошески и Марјан Стојаноски.

Сликарот Мирослав Живковиќ од Србија, е втор пат во Македонија, на оваа колонија во Прилеп и вели дека е задоволен од гостопримството и од дружењето. „Одлична организација, пријатни луѓе. Колониите значат многу за уметниците. Запознаваме нови луѓе, нови колеги кои доаѓаат од различни средини, и тоа придонесува за квалитетот. Инспирација ми се пејзажите од Прилеп…“, додава Живковиќ.

За Мирјана Крстева-Масети, сликарка, пак, чест е да се биде дел од колонијата.

„За нас колониите се многу важни, особено по година ипол што бевме затворени со коронакризата. Тука се создаваат дружби, нови идеи. Презадоволна сум од организацијата. Секогаш Центарот за култура ‘Марко Цепенков’ има одличен пристап кон уметниците, а организацијата е беспрекорна. Ќе оставам мал дел од себе, дела што ќе го збогатат фундусот на колонијата. Ова лето сум инспирирана од дружењето и тоа ќе го пренесам на платното“, вели Крстева-Масети.

И скулпторот Слободан Милошевски ја истакнува важноста од учеството на уметниците на колонии.

„За нас уметниците колониите се дружење, кои го поттикнуваат творечкиот дух, даваме сè од себе да создадеме нови дела кои ќе остават траг од нашето творење. Оваа ликовна колонија има одлична организација. Она што ќе создадам е скулптура во метал. Планирам форма која е инспирација од Прилеп и од архитектурата низ градот“, вели Милошевски.

Раководителот на ликовната дејност во Центарот за култура „Марко Цепенков“, Марјан Стојаноски, исто така е задоволен како се одвива колонијата.

„Колонијата помина одлично. Се создадоа вредни уметнички дела кои наесен ќе бидат презентирани на изложба“, додава Стојаноски.

За директорката на ЦК „Марко Цепенков“, Јасмина Мицовска-Станкоска, пак, колонијата е традиција на која се создаваат вредни дела.

„Оваа колонија веќе е во втората деценија и со години на едно место ги собира уметниците од земјава и од странство. Зад себе има околу 350 дела кои остануваат како културно наследство. Тоа е големо културно богатство“, вели Станкоска.

Колонијата се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура. (Н.И.Т.)




2 views

Comments


bottom of page