Петровиќ: ТФТ е екипа за респект, но целите на МЗТ се исти-победнички!
Вечерва се отвара новата сезона во домашната кошарка и тоа со Супер Купот во кој силите ќе ги одмерат МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ Скопје.
Средбата се игра од 19.30 часот во СРЦ „Кале“, па ова ќе биде добра можност за двете екипи да видат до каде се и во каква форма ќе ја дочекаат истата во која ќе играа на меѓународна сцена.
Тренерот на „штрковите“, Александар Петровиќ е задоволен од составот кој го има на располгање и се надева на прв трофеј во кампањата 2022/2023.
-Очекувам еден добар натпревар пред се, добро отворање на сезоната. Сакам полна сала, да биде добра увертира за она што ни следи. Оваа година МЗТ го чека доста тешка сезона, пред се во АБА-лигата, затоа што ќе имаме доста обемен календар. И покрај некои ситни проблеми мислам дека во Суперкупот ќе се претставиме како што треба. Ние сме МЗТ, влегуваме како шампиони и фаворити. Променивме доста од странците, домашниот ростер остана ист. Мислам дека тимот е со слична физиономија како и лани.
-Одлучивме малку да го подмладиме тимот со годините, затоа и ги направивме промените. Пред нас е доста тешка сезона, но целите на МЗТ остануваат исти – да се напаѓа секој домашен трофеј, додека во АБА-лигата ќе се бориме за подобри резултати. Главна цел е да се опстане во лигата и да се фати еден континуитет како претходните години, -рече Петровиќ кој потоа говореше и за ТФТ.
-ТФТ сигурно е екипа за респект, пред сè, има добар ростер на домашни играчи и нови странци. Ланклан Андерсон им се врати во тимот, сигурно и дека со настапот во квалификациите за Лигата на шампионите покажаа дека имаат квалитет. Неслучајно беа и домаќини на турнирот, сигурно дека имаат и гледаат свои шанси. Очекувам еден добар дуел. Ние сигурно имаме поголемо искуство затоа што играме со години во континуитет во АБА и во АБА-2, така што очекувам генерално една добра сезона, -порача предводникот на македонскиот првак.
Comments