Петнаесет уметници на 32. Ликовна колонија Галичник што ќе биде во знакот на екологијата
Во прекрасниот Галичник од 15 до 22 август ќе се одржи 32. Ликовна колонија Галичник 2021.
На овогодишната колонија, која ќе има хибриден пристап, заради сè уште неизвесната состојба со коронавирусот, ќе земат физичко учество единаесетмина уметници, а други четворица ќе бидат дел од оваа исклучителна креативна визуелна резиденција со онлајн учество.
На колонијата ќе партиципираат: Џозеф ван Калденбург од Холандија, Милка Делибашиќ – Црна Гора, Магдалена Кучко – Полска, Ана Марија Паску – Романија, Клица Антониу – Кипар, Зара Александрова – Бугарија, Ејгул Догруел – Турција, Денис Јагџи – Косово/Македонија и македонските автори: Гордана Вренцоска, Христина Зафировска, Ивана Самандова, Горанчо Ѓорѓиевски, Доротеј Нешовски, Кристијан Јовановски и Зоран Георгиев.
„И годинава, како и лани, воспоставуваме концептуален предзнак на колонијата, кој е во согласност со интересите и потребите за сè почестото реагирање на прашањата за екологијата, заштитата на животната средина и влијанието на човекот врз уништувањето на балансот во екосистемот, чии последици стануваат сè поочигледни и пореални. Годинешниот концепт е насловен ‘Визуелна интрузија’ и интенцијата на овој дискурс е со визуелна интервенција, т.е. интрузија на природниот амбиент на Галичник и неговата околина, која ќе биде предизвикана во реалност, а нагласена со помош на дигитална интервенција и архивирање на интрузијата на медиумот фотографија или видео, да се визуелизира контрастот и моќта која човекот ја има во загрозувањето, но и заштитата на животната средина и зачувување на нејзиниот природен облик и форма. Ваквите интервенции треба да го подигнат нивото на свеста и да имаат директен импакт во процесот на будење и преземање одговорност за своите постапки“, посочува кураторката Ана Франговска.
Таа смета дека, со оглед на селекцијата на автори и нивните значајни биографии, и годинава на колонијата ќе се создадат одлични, и ефективни уметнички дела, кои заедно со делата од минатогодишната средба, македонската публика ќе може да ги види на биеналната изложба закажана за ноември во мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Во рамки на работната сесија ќе се одржат и јавна отворена програма која ќе содржи две јавни презентации на уметниците пред публиката, планирани за 16 и 17 август од 20 часот, пред Упија, како и работилница со деца, на 21 август во 11:00 часот.
Comments