Петнаесет натпреварувачи ќе се појават на утрешниот старт за 36. Охридски пливачки маратон
Петанаесте натпреварувачи се пријавени за утрешниот старт на 36. издание на Охридскиот пливачки маратон. Шест натпреварувачки ќе има во женска и девет во машка конкуренција. Утрешното 36. издание на Охридски пливачки маратон што ќе се плива од Свети Наум до Охрид е во организација на Општина Охрид и Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“. Патеката „Климе Савин“ која пливачите ќе треба да испливаат ќе биде долга 25 километри. Стартот утре е кај Свети Наум, а целта кај пристаништето во центарот на градот. Наградниот фонд на годинашното издание изнесува 12 илјади евра. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на синоќешното претставување на маратонците посочи дека Охридскиот пливачки маратон е вистинска гордост за локалната заедница и државата, бидејќи го промовира Охрид како одлична локација за спортски настани и привлекува пливачи од целиот свет. Организаторите на најпознатата меѓународна спортска манифестација во земјата традиционално ја доделија спортската награда „Климе Савин“ за 2023 што годинава му припадна на пливачката легенда Томи Стефановски, а признанија беа доделени на „Костал“, „ЈК Травел“ и на спортскиот коментатор во пензија, Атанас Костовски.
Comments