Петар Маниќ главниот актер од „Стела“ награден на Филмски фестивал на Југоисточна Европа
Главниот актер од првиот македонски филм за деца „Стела“, Петар Маниќ ја освои наградата за најдобар актер на Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа.
Филмски фестивал на Југоисточна Европа е меѓународен филмски фестивал на 15 земји од Југоисточна Европа. На фестивалот се прикажува избор на играни, кратки, документарни и анимирани филмови од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Унгарија, Косово, Македонија, Црна Гора, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Покрај овие 15 земји, во изборот на фестивалот се вклучени и сите други земји-членки на МЕДИА програмата како продуценти или копродуценти на „SEE films“.
Фестивалот се организира во соработка со универзитетите Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО од Париз, Хумболд од Берлин и American University од Вашингтон. Наградaта на американското жири, за најдобар актер, составено од Роман Костовски, претседател, Патриша Корбет и Жаклин Хедингтон му ја додели токму на Петар Маниќ за својот актерски перформанс во „Стела“. Ова е втора награда за младиот Петар Маниќ, а за „Стела“ ова е шесто гран при во својат богат фестивалски живот. Во филмот главен лик е младата шарпланинка Стела, за првпат на долгометражен филм е младиот Петар Маниќ, а во филмот играат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и српската актерка Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит Парада. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Горѓи Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, монтажер е Данчо Стефков, а композитор Оливер Јосифовски од Љубојна. Долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција меѓу македонската продукциска куќа „Дрим Фектори“ – продуцент Огнен Антов, српската продукција „Акција Продукција“ – продуцент Јована Караулиќ и германската „Моуна“ – продуцент: Никол Акер-ман. СТЕЛА беше препознаен како проект од исклучителна важност и доби финансиска подршка од „Агенцијата за Филм на Република С.Македонија“, „Филмскиот центар на Србија“ и Филмскиот фонд Баден Вунтерберг во Штутгарт, Германија, а горд спонзор на филмот е и Витаминка. Стојан Вујичиќ е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни кратки играни и документарни филмови и телевизиски проекти.
Comments