Пет неверојатни факти за Ѓоковиќ во пресрет на Вимблдон
ТЕНИС Новак Ѓоковиќ ќе настапи на претстојниот гранслем-турнир Вимблдон бркајќи многу рекорди, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Тој ги освои изминатите четири изданија на турнирот во Лондон и ќе биде фаворит од понеделник, откако триумфира на првите два големи турнири сезонава, Австралија опен и Ролан Гарос, а АТП разгледа пет неверојатни факти за Ѓоковиќ пред да почне со трката на гранслем-турнирот што се игра на тревна подлога. – Ѓоковиќ има повеќе победи на Вимблдон отколку преостанатите врвни 20 играчи заедно. Ѓоковиќ има 86 победи и 10 порази (86-10) на терените на Вимблдон, а тие 86 победи се за една повеќе од вкупниот број победи на преостанатите 20 први играчи на АТП-рангирањето. Процентот на победи на Ѓоковиќ на турнирот е 89,6 отсто во споредба со 56,3 отсто на преостанатите од првите 20 тенисери. Ѓоковиќ има и резултат од 89-8 на Австралија опен, 92-16 на Ролан Гарос и 81-13 на САД опен. – Тој е во трката е по израмнување на рекордот на Роже Федерер. Кога Федерер ја освои својата рекордна осма титула на Вимблдон во 2017 година, Ѓоковиќ имаше само три трофеи на тој турнир. Годинава Ѓоковиќ има можност да се изедначи со Федерер со осум круни на тревниот гранслем-турнир. Ѓоковиќ и Федерер се сретнаа четири пати на Вимблдон, при што Ѓоковиќ победи трипати. – Ѓоковиќ може да освои три гранслем-титули во една сезона по четврти пат, со триумф на Централниот терен на Вимблдон, што ќе биде четврти пат тој да освои три гранслем-турнири во една година, подвиг што никој друг не го постигнал. Тој веќе победи на Австралија опен и на Ролан Гарос годинава. Тоа би било вторпат Ѓоковиќ да ги освои првите три гранслем-турнира во годината, откако го оствари тој подвиг пред две години. Ѓоковиќ се обидува да стане првиот тенисер што ги освоил сите четири гранслем-трофеи во една сезона, по Род Лејвер во 1969 година. – Ѓоковиќ првпат може да освои пет последователни титули на еден гранслем-турнир. Со триумф тој ќе им се придружи на Бјорн Борг (победуваше од 1976 до 1980 година) и на Федерер (2003-07) како единствени тенисери што освоиле пет последователни титули на Вимблдон во т.н. опен ера (од 1969 година). – Следува и трката за 12-от гранслем-трофеј освоен по 30-та година. Само пет тенисери освоиле најмалку 12 гранслем-титули во сингл. Ако Ѓоковиќ го освои годинашниот Вимблдон, тој ќе освои 12 големи трофеи откако наполни 30 години. За споредба, Рафаел Надал (осум), Федерер (четири), Рој Емерсон (две) и Пит Сампрас (една) заедно освоија 15 гранслем-титули во сингл откако наполнија 30 години, пишува АТП. Алкараз и Швјонтек први носители на Вимблдон Младиот шпански тенисер и водечки на светската АТП-листа, Карлос Алкараз (20), е прв носител на претстојниот гранслем-турнир Вимблдон, кој треба да почне в понеделник во Лондон. Втор носител е тенисерот со најмногу гранслем-титули (23) во историјата, Србинот Новак Ѓоковиќ, објавија организаторите на третиот гранслем-турнир годинава. Ѓоковиќ е седумкратен победник на Вимблдон, а ќе ја брани титулата освоена лани. Трет носител на машкиот дел од турнирот е Русинот Данил Медведев. Кај тенисерките, прва носителка е Ига Швјонтек од Полска, втора е Арина Сабаленка од Белорусија, а трета е ланската победничка на Вимблдон, Елена Рибакина од Казахстан. Од 2002 до 2019 година, Вимблдон имаше свој систем на бодување за носителите врз основа на претходните резултати на Вимблдон и други турнири на трева. Но, почнувајќи од 2021 година (во 2020-та не се играше поради ковид-19), организаторите на Вимблдон решија, како и другите турнири, да го направат распоредот врз основа на АТП-листата. Г.И.
Comments