top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Пет години од смртта на големиот Саша Николовски-Ѓумар

14.01.2022 Januari Petok

Еден од најзначајните македонски диригенти, Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017), кој остави голема трага во македонската музика, замина на денешен ден пред пет години. Диригентот Саша Николовски-Ѓумар беше роден во Битола, а почина во Скопје, каде што и живееше. Од 1998 година во овој град и работеше како професор на Факултетот за музичка уметност, на истиот факултет каде што и дипломира, на отсекот за музичка теорија и педагогија и на отсекот за композиција и диригирање кај професорот Фимчо Муратовски. Предаваше хорско и оркестарско диригирање, оперско студио и група предмети од областа на диригирањето. Саша Николовски-Ѓумар специјализира на конзерваториумот „Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург, а магистрира на музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Уште за време на своите студии работеше како диригент со хорот и оркестарот на Факултетот за музичка уметност, со Симфонискиот оркестар на РТ Сараево и со академскиот хор „Мирче Ацев“. Во неговата биографија меѓу другото остана забележано дека од 1993 година беше и музички директор на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија и шеф-диригент на Младинскиот камерен оркестар. Диригираше и на концертите на „Скопско лето“ и на „Охридско лето“, а го формира и оркестарот за современа музика „Синтезис“.

Саша Николовски-Ѓумар го предводеше и Словенечкиот симфониски оркестар на концертот во „Галусова дворана“ во „Цанкарјев дом“ во Љубљана во 2014 година, со музика од југословенски филмови и ТВ-серии, а остана запаметено и неговото диригирање на последниот концерт на групата „Леб и сол“ во Скопје. За работата со ансамблот за современа музика „Св. Софија“, тој ја доби наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на фестивалот „Денови на македонската музика“ во 2001 година. Меѓу другото, остана забележано и неговото авторство и на аранжмани на четири музички изданија, но и податокот дека настапуваше и во Романија, Унгарија, Бугарија, Австрија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора. Во негова чест, во 2018 година Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија одржа и концерт во Македонската филхармонија, по што беше и преименуван во камерен оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“.


1 view

Comments


bottom of page