Перформансот инспириран од делата на еден од најголемите руски писатели „Молитва по Достоевски“
- Aleksandar Santovski
- May 21, 2021
- 1 min read
Перформансот инспириран од делата на еден од најголемите руски писатели „Молитва по Достоевски“ премиерно во Битолски театар
На големата театарска сцена „Благој Стефановски-Баге“ на Народниот театар во Битола, на 21 и 22 мај, со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде изведен перформансот „Молитва по Достоевски“, инспириран од мотиви од делата на еден од најголемите руски писатели. Потписник на оваа идеја е Валентин Светозарев.
„Станува збор за колаж од избрани делови на дела на Достоевски (‘Злосторство и казна’, ,’Браќа Карамазови’, ‘Записи од мртвиот дом’, ‘Коцкар’), почнувајќи од првиот роман ‘Бедни луѓе’, опис на амбиент од избраните дела, како и еден настан во Катарга, Сибир“, истакна Светозарев.
Во „Молитва по Достоевски“ ќе настапат актерите Огнен Дранговски и Катерина Аневска Дранговска, а музичкиот дел инспириран од делата на Владимир Семјонович Висоцки и Булат Шалвович Окуџава го подготви и ќе го изведат членовите на групата „Фолтин“.
„Нашата претстава почнува со денот кога треба да бидат стрелани членови на движењето Петрашевци, но тие се помилувани со прогонство во Сибир. Во нашата приказна сите се на едно место Катарга, каде им дозволуваат да направат еден концерт. Тоа што публиката ќе го гледа е тој концерт“, додаде Светозарев.
Со претставата, Народниот театар Битола се вклучува кон одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на Фјодор Михајлович Достоевски, кој е роден на 11 ноември 1821 година во Москва, а починал на 9 февруари 1881 година во Санкт Петербург. „Како институција која често пати во својата историја се навраќала на делото на генијот, Народниот театар Битола и овој пат се вклучува во светското одбележување на овој значаен датум“, посочија од овој театар. (Н.И.Т.)

Bình luận