Пендаровски на „Охридско лето“: Уметноста нè охрабрува да не молчиме пред неправдите
13.07.2021 Juli Vtornik
Парадоксот на убавината која е олицетворена во уметноста и културата е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет, дури и кога ги прикажува најголемите страдања, насилството кон немоќните или грдите лица на луѓето, истакна претседателот, Стево Пендаровски, на отворањето на фестивалот „Охридско лето“. „Автентичната уметност ни ја нуди надежта и како личен и како колективен феномен, не поттикнува да ја бараме вистината и да ја прегрнеме добрината. Како критичар на сите апарати и системи на моќта, уметноста нѐ охрабрува да не се помируваме со злоупотребите и да не молчиме пред неправдите. Дури и кога е игнорирана или забранувана, уметноста си го пробива патот меѓу луѓето, меѓу народите, јазиците и културите ширејќи го просторот за свет со почовечки лик. За да не потоне во очај, на светот му е неопходна убавината. Таа, заедно со вистината што ослободува и добрината што облагородува може да ги помири луѓето, може да ја намали нивната болка, да ги поврзе генерациите и да му даде нова надеж на човештвото. А тоа ни е повеќе од потребно во секојдневието исполнето со сиви тонови.“, порача Пендаровски. Годинава, фестивалот Охридско лето свечено беше отворен со гала-балетскиот концерт „Големиот Чајковски“ во изведба на уметниците од Националната опера и балет. „Гoлемиот Чајковски“ е сочинет од најубавите дела на рускиот композотор, со изведби на делови на балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“ и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“
Comments