top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Пендаровски: Карикатурата е парадигма на пркосот и критичноста, таа мора да има место во нашите култ

Пендаровски: Карикатурата е парадигма на пркосот и критичноста, таа мора да има место во нашите културни политикиКарикатурата со својата интердисциплинарност која ги спојува визуелните уметности и јазичните метафорични пораки, за оние аспекти на светот кои не се пријатни и со кои не сакаме да се соочиме, е парадигма на пркосот, критичноста и совеста на уметниците, рече претседателот Стево Пендаровски на отворањето на изложбата на дела од 54. Светска галерија на карикатури на Остен и на Остен биенале на цртеж Скопје 2022 во Чифте амам при Националната галерија, а која беше збогатена со доделување на награди и признанија за најуспешните уметници.

Претседателот напомена дека за една нација е голема работа што можеме да се пофалиме со пет ипол децениска историја на Светската галерија на карикатури, а ваквите настани, како што рече, се столбови на нашата култура и нашето општество воопшто.

На изложбата на 54. Светска галерија на карикатури – Скопје 2022 се поставени дела на наградените и селектираните карикатуристи, додека на Остен биенале на цртеж Скопје 2022, на кое учествувале 336 уметници од 52 земји со 1056 дела, изложени се дела на наградени и селектирани уметници.

-Благодарение на селекција на дела во рамки на 54. Светска галерија на карикатури имаме можност да се запознаеме со врвни светски карикатуристи и да добиеме увид во актуелните случувања во една од најкомплексните и според некои, најхрабрите жанрови во визуелните уметности. Во време кога новите технологии преовладуваат во секоја сфера, па и во уметностите, и покрај интензивниот развој на дигитализацијата, карикатурата опстојува и продолжува да ја фасцинира и да привлекува внимание и интерес, токму затоа што во нејзе е вградена основната мисија на уметноста – да биде критичар и коректив на секоја општествена и човечка аномалија, рече Пендаровски во обраќањето.

Авторите на карикатурата, потенцира претседателот, преку својата вештина за цртање и длабочината на пораката, низ само еден цртеж, изразуваат ставови и пораки кои се вистински „остен“ што боде онаму каде што најмногу боли, во општествените рани, ослободувајќи го човештвото од лагата и лицемерието.

-Колку карикатурата со својата хумористична димензија ни помага да ја разбереме и надминеме непријатната реалност што владее во светот? Која алатка ни останува да го подобриме светот и да се подобриме себе си? – Несомнено тоа се прашања блиски на оние кои ги поставува и карикатурата. Одговорите се наоѓаат во нашата подготвеност и нашата храброст да си ги поставуваме тие прашања себе си на другите и на заедницата. Несомнено, како и многу други уметнички и културни случувања, имаме обврска да ја негуваме и поддржуваме Светската галерија на карикатури, додаде Пендаровски.

На настанот беа доделени наградите за најуспешните автори, како и признанија на партнери и соработници на Остен.

Директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими во своето обраќање на наградените им честита за добиените награди, а на „остеновците“ им посака уште многу јубилејни изданија.

-Чест ми е што Националната галерија изминативе години е домаќин на повеќето од огромните групни активности на „Остен“. И оваа соработка веќе станува традиционална, пријателска. Овој факт се должи не само на нашата отворена соработка со „Остен“ и со сите пријатели на уметноста, туку и пред се заради квалитетот на авторите, делата и севкупната претставувања самостојни и групни, кои ги организира. За исклучително успешните домашни и меѓународни автори од различни генерации и нивните претставени дела изработени во најразлични техники, говори и оваа групно претставување во целиот простор на атрактивниот Чифте амам – споменик на културата по втората половина на 15 век и еден од објектите на Националната галерија, рече Старова Ќерими.

Сликарот, карикатурист и директор на Остен, Мице Јанкуловски во своето обраќање рече дека Светската галерија на карикатури е најстарата светска манифестација од областа на современата карикатура и најголемиот светски бренд од областа на карикатурата.

Инаку, утре претседателот ќе приреди прием за меѓународните учесници на 54. Светска галерија на карикатури – Скопје 2022 и на Остен биенале на цртеж Скопје 2022, а во претседателскиот Кабинет ќе биде поставена изложба на најуспешните карикатури од досегашните 54 изданија на Светската галерија на карикатури.



1 view

Comments


bottom of page