„Пелетон“ ја повлече рекламата со мистер Биг
17.12.2021 Dekemvri Petok
„Пелетон Интерактив Инк.“ ја повлече рекламата со Крис Нот откако „Холивуд репортер“ објави сторија за обвинувања за сексуален напад против актерот од „Сексот и градот“, продолжување на болната сага за фитнес компанијата. Во првата епизода од новата сезона „И едноставно така“ има сцена во која мистер Биг (Крис Нот), починува по 45-минутно возење на статичен велосипед „Пелотон“. Од компанијата беа изненадени дека нивниот производ ќе се користи за да убие некој лик – а инцидентот ги раздрма инвеститорите. Акциите паднаа поради загриженоста дека епизодата дополнително ќе го наруши угледот на „Пелетон“. А сега се случи уште една неволја за компанијата која продава велосипеди за вежбање. Компанијата во четвртокот ја повлече рекламата на социјалните мрежи што ја објави претходно оваа недела, а во која се прикажува ликот на Крис Нот, мистер Биг, од серијата „Сексот и градот“. Во соопштението се наведува дека претходно не биле запознаени со обвинувањата против Нот и дека „секое обвинение за сексуален напад мора да се сфати сериозно“. Крис Нот се огласи со коментар на сторијата за „Холивуд репортер“ во која две жени, користејќи псевдоними, опишаа сексуални инциденти со него во Лос Анџелес и Њујорк во 2004 и 2015 година. „Обвиненијата против мене од поединци кои ги запознав пред години, па и децении, се апсолутно лажни. Овие приказни можеше да бидат од пред 30 години или пред 30 дена – ‘не’ секогаш значи ‘не’ – тоа е линија што не ја преминав. Средбите беа консензуални“, се наведува во соопштението на актерот. „Тешко е да не се доведе во прашање времето на објавување на овие стории. Не знам со сигурност зошто се појавуваат сега, но не го знам ова: јас не ги нападнав овие жени“, додаде тој. Двете жени изјавија за „Холивуд репортер“ дека враќањето на Нот во новото поглавје на „Сексот и градот“ ги поттикнало сеќавањата на нивните искуства со него пред повеќе години. Нот (67) е најпознат по улогата на Мистер Биг, љубовта на Кери Бредшо (Сара Џесика Паркер) во ТВ-серијата и во филмот „Сексот и градот“. Во Just Like That, новата сезона што почна да се емитува на „Ејч-би-о“ минатата недела, во првата епизода мистер Биг е во среќен брак со Бредшо, но умира од срцев удар додека вежба на велосипед Peleton.
Comments