top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за Јордан Плевнеш, Признание на Општина Охрид

Поетот, драматургот и романсиерот, амбасадорот Јордан Плевнеш, е годинешниот добитник на највисокото признание што го доделува Општина Охрид – наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“.

Членовите на Стручната комисија едногласно ја донеле таквата одлука, имајќи ја предвид импозантната биографија на проф. д-р Плевнеш, неговото животно дело и неговата завидна научна дејност во областа на драматургијата и неговата афирмација на Охрид, Македонија и насекаде во Светот.

„Земајќи го предвид предлогот на Стручната комисија и општопознатите факти за неговата голема високовредносна и величествена идеја за Охридската академија на хуманизмот, со востановување на Охтидската Светиклиментова Светска награда за хуманизмот со која досега беа овенчани седумнаесет светски хуманисти – великани во своите професионални сфери, на Охрид му се даде уште една историска улога во неговата осум милениумска предисторија и историја. Наградата за хуманизам го осмислува Охрид од длабокото возбудливо историско минато, преку фактот дека Охрид во денешнината станува хуманистичко-филозофски стожерник, а аналогно на тоа Јордан Плевнеш е еден од најзаслужните такви стожери и неговите врвни долгогодишни остварувања кои се од особено значење и имаат голем придонес во развојот напредокот и севкупната афирмација на Охрид во Република Македонија и светот“, посочува градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Добитници на повелбaта „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за оваа година се манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, постхумно неодамна починатата спикерка на Радио Охрид, Леонора Чекреџи и младата спортска надеж на Охрид, таеквондистката Христијана Парулеска. Наградата и Повелбите на добитниците ќе им бидат врачени на Свечената академија што по повод празникот „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи на 7 декември, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 19:30 часот.



1 view

Comments


bottom of page