„Пат за Волкодери – Ретроспектива“ со над 100 дела од Симон Узуновски во МСУ
- Aleksandar Santovski
- Sep 12, 2022
- 2 min read
„Пат за Волкодери – Ретроспектива“ е наслов на ретроспективната изложба на еден од пионерите на уметничките партиципативни инсталации во Македонија Симон Узуновски, која ќе биде отворена на 13 септември во Музејот на современата уметност во Скопје. Во рамките на поставката ќе бидат изложени повеќе од 100 дела, кои вклучуваат објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто препознатливо делото на Симон Узуновски. Неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции со кои Узуновски инволвира широк круг пријатели, колеги, познаници и публика во создавањето или изведбата на повеќе негови дела ќе бидат претставени со обемна фото документација, која истовремено ќе го прикаже и времето на 70-тите години и ентузијазмот и енергијата со кои Узуновски успеваше заразно да ја шири идејата за демократизацијата на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите на секојдневниот живот.
Узуновски (Белград, 4 август 1949 – Скопје, 10 декември 2018), беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години работел и живеел на италијанскиот остров Капри. Фокусот на изложбата е сепак насочен на најзначајниот за него период на седумдесеттите години на 20 век, период, кога на локалната сцена, како дел од југословенскиот културен простор, продираат алтернативните уметнички практики. Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина.
Узуновски беше еден и од првите соработници на сценографот Крсте Џидров-Џиби, од крајот на 70-тите и во текот на 80-тите години. Тие заедно работеа на 15-ина сценографии, а десеттото издание на Млад отворен театар – МОТ беше отворено токму со нивна заедничка изложба.
Неговото творештво го претставува тимот од петтемина историчари на уметноста Марика Бочварова-Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски, блиски пријатели на Узуновски и директни сведоци на неговото делување уште од 70-тите години.

Comments